Министерството за внатрешни работи се откажа од измените на членовите 31 и 31 а од Законот за полиција кои се однесуваа на одземање на службеното оружје и упатување на полицискиот службеник на психолошки и психијатриски преглед кога тој ќе изврши семејно насилство. Оваа одлука на МВР следи по реакциите од Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство, Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација.
Во важечкиот Закон за полицијата има два члена 31 и 31-а, со кои членови во случај на семејно насилство од страна на полициски службеник кој има оружје, само врз основа на известувањето од Центарот за социјални работи (ЦСР), МВР е должно да му го одземе оружјето (член 31 став 3) без да се води посебна постапка за тоа, и одземањето на оружјето ќе трае се до завршувањето на постапката која последна ќе заврши со правосилна одлука (член 31 став 4).
Исто така полициски службеник кој е сторител на кривични дела со насилство и семејно насилство задолжително се упатува на задолжителен психијатриски и психолошки преглед односно психолошко советување (чл. 31-а став 1).
Од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство за МКД.мк велат дека ваква поставената законска регулатива дава сигурност дека во случаи на зголемен ризик, а во секој случај се проценува дека постои зголемен ризик за животот на жртвите кога сторителот поседува оружје, жртвата ќе биде заштитена, а одземањето на оружјето ќе го намали ризикот од сторување на потешки кривични дела сторени при вршење на семејно насилство, и ќе превенира фемициди.
„ Задолжителното психолошко советување придонесува кон заштита на жртвата во смисла дека сторителот кој посетува психолошко советување со цел промена на своето однесување нема да врши насилство во иднина кон таа жртва и кон други потенцијани жртви. Исто така, ваквите мерки праќаат порака дека семејното насилство во оваа држава не се толерира, а особено не, кога е сторено од страна на службено лице чија професионална обврска е да овозможува заштита на граѓаните од други сторители на насилство. Со примената на важечките законски одредби од Законот за полиција очекувано е да се одвратат останатите сторители или потенцијални сторители на родово-базирано и семејно насилство. Меѓутоа, со предложените измени, членот 31 беше целосно променет и од него беше тргнат ставот кој гарантираше одземање на оружјето на полициски службеник кој е сторител на семејно насилство само врз основа на известување од ЦСР дека тоа лице сторило семејно насилство. Предлог-измените овие сторители ги ставаат во ист кош со сторителите на било кое насилно кривично дело, предвидуваат во случај кога е пријавено односно кога е добиено сознание за сторено кривично дело со употреба на оружје од страна на полициски службеник, внатрешната контрола да се произнесе дали е воопшто потребно на полицискиот службеник времено да ми се одземе оружјето. Вака поставената одредба, значи дека се додека полицискиот службеник не го употреби оружјето (народски кажано се додека не пука на жртвата) за истото нема ни да се расправа, а камоли да му се одземе. Тоа ги става жртвите на семејно насилство во исклучителен ризик, бидејќи употребата на оружјето за нив може да има фатален исход“, велат од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.
Доколку ваквите измени беа прифатени, додаваат дека жртвите на семејно насилство ќе беа оставенинезаштитени и ќе се оневозможеше намалување на ризикот од фемицид и другикривични дела со потешки последици.
„Со предложените измени членот 31-а пак целосно е избришан. Тоа праќа порака до жртвите на семејно насилство дека полициските службеници кои вршат семејно насилство нема да го променат своето однесување. Ваквата порака би придонела за намалување на и така ниската доверба на жртвите во институциите на системот. Овие измени ќе значеа уназадување на позитивните наоди од Гревио Комисијата дадени во првиот извештај за Македонија септември 2023 година. Во својот извештај Гревио комисијата посочи дека во смисла на членот 52 од конвенцијата поседувањето огнено оружје не само што претставува моќно средство за вршење контрола врз жртвите, туку исто така го зголемува ризикот од убиство“, додаваат од оваа организација.
ПОВЕЌЕ НА МКДМК.