Вештачката интелигенција се разви исклучително брзо во изминатите неколку години и дополнително ги поттикна стравувањата дека во блиска иднина би можела да нè замени на работното место.
Дали навистина ќе се случи тоа? За одредени работни места неизбежно да, иако некои веруваат дека тоа веќе се случува, а дека масовните отпуштања во технолошката индустрија се првите знаци за имплементација на оваа технологија кај работната сила.
Од друга страна, Марк Закерберг во едно неодамнешно интервју рече дека масовните отпуштања не се поврзани со вештачката интелигенција, туку дека компаниите го коригираат прекумерното вработување за време на пандемијата.
Своето мислење за BBC го искажа и Ованес Авојан, креаторот на апликацијата Picsart, која денес вреди милијарда долари и која користи вештачка интелигенција за обработка на слики и видеа.
Како што тврди Авојан, вештачката интелигенција нема да биде таа што ќе ни ги одземе работните места, туку тоа ќе бидат луѓето кои знаат да ја користат.
Поранешниот професор од Ерменија советува да не ѝ се спротивставуваме:
„Гледајте на вештачката интелигенција како копилот, како асистент во вашиот работен и креативен процес и прифатете ја наместо да ѝ се спротивставувате“.
Иако вели дека нема причина за страв, Авојан предупреди дека оние што не го прават тоа може да заостанат на пазарот на трудот, додавајќи дека сè уште е потребно време за да се осмислат различни начини на користење и можности.
„Ако не ја искористите оваа можност, би можеле да станете неконкурентни и помалку продуктивни.“