„Немаше администратори, туку окупатори“: Мицкоски во предвечерието на денот на ослободување на Скопје

103

Денес сме собрани тука, обединети од длабоката љубов кон нашиот главен град, Скопје. Во предвечерието на 13 ноември, ќе кажам дека тоа е печат на нашата историја, сведоштво на храброста и на решителноста на нашиот народ да се бори за слобода и достоинство. На овој ден, Скопје извојува своја победа и таа победа е наша колективна гордост, наша заедничка инспирација, истакна премиерот Христијан Мицкоски по повод денот на ослободувањето на Скопје.

„Овој ден сведочи и за солидарноста која овој град ја носи, но и поривот, длабоката желба и стремежот за слобода. Слободата која денес ја живееме неодминливо беше платена со жртви и човечки страдања, и ние таа ја извојувавме со сопствени сили и наспроти тенденцијата за прекројување на историските читанки и читањето на историјата во зависност од поединечните интереси, вистината е само една, единствена и неделива.

Немаше администратори, туку окупатори, и таа историска борба не беше против одредени народи, ниту против одредени држави туку против фашистички режим кој беше поразен од Европа и слободарските народи, меѓу кој беше и македонскиот“, истакна во говорот Мицкоски.

Денес, како што рече, кога ја чествуваме слободата на Скопје, ја чествуваме и нашата одговорност кон иднината.

„Денес Скопје се соочува со бројни предизвици. Градот го води администрација далеку од можноста да одговори на потребите на граѓаните. Во моментите кога во дел од напредните градови во светот имаат подземни железници и метроа кои се движат со повеќе 200 километри на час, во нашето Скопје е привилегија и бинго да ви дојде автобус со задоцнување помало од еден час. Да не говорам за тоа колку се потфрли во воспоставувањето на ред во сообраќајот, или третирањето на отпадот, или проблемот со кучињата скитници, кои неретко на туристите им изгледаат како некоја егзотична епизода на афричка сафари оаза. Навистина не мислам овој мој говор да го претворам во полемика за тоа што му треба на Скопје, или колку им е тешко на скопските градоначалници кога имаат неразумна страна од градот за да одговорат на потребите, и колку многу дадоа за напредокот на општините во состојба кога од другата страна имаат противник, наместо партнер во градот, ниту пак пробувам да се амнестирам за грешката наречена актуелна градоначалничка на Скопје, и колку таа ме чинеше и колку политички куршуми примив и колку ме разочара лично и ги разочара скопјани“, кажа Мицкоски.

Додаде дека лекцијата е научена и дека на Скопје му треба човек кој ќе обединува и кој има визија.

„Свесен сум дека загадувањето на воздухот е еден од најголемите проблеми што секојдневно го чувствуваме. Честопати се срамам кога гледам како нашиот главен град – градот на слободата, сега е меѓу најзагадените градови во светот. И посебно сум разочаран од тоа што се дозволи децении и децении ништо да не се преземе на оваа тема. И ве молам да не ја политизираме оваа тема, затоа што тоа е колективен неуспех на сите политички елити досега кои управувале со државата и градот. Во Скопје доминира чадот и штетните гасови, затоа што на некој со децении му одговара овој начин на затоплување и енергетска зависност од одредени горива од кој дебело профитираат поединци. Во таа насока во голема мера инвестициите во енергетиката треба да се насочат кон енергенси кои не загадуваат“, појасни тој.

Осврнувајќи се на спорот со Бугарија премиерот порача: „Јас крчма од државните и националните интереси нема да правам, и ќе направам се граѓаните да добијат европска иднина каква што заслужуваат.

„И во меѓувреме, помеѓу две паузи на кои СДСМ ќе сака да ни соопшти некоја стратегија скувана на некое патување на претседателот на СДСМ во Дубаи, треба да остане забележано и денес дека СДСМ останува единствениот нереформиран дел од комунизмот во Македонија, упорно држејќи се до старите манири, без вистински погледи кон иднината.

Замислете – една група луѓе, вкоренети во корупција и криминал, се обидуваат да ви се продадат повторно како решенија.

Корупцијата е рак-рана која ја нагризува државата со децении, уништувајќи го потенцијалот на институциите и создавајќи недоверба кај народот.

Јас сум цврсто решен и можам да ви ветам – нема да има толеранција кон корупцијата“, потенцира Мицкоски.

Македонија, како што оцени, премногу долго беше ограбувана од корумпирани поединци кои, под маската на политика ја злоупотребија довербата на народот.

Времето на таквите заврши, порача тој.

„Жилави се оние малкумина кои се сеуште послушни слуги на коалицијата која седум години ја парчосуваше, ја делеше на парчиња правдата во Македонија. Жилави се и нема да се предадат лесно, се борат грчевито да ги заштитат своите стопани и затоа веќе со месеци мака мачиме пред секоја акција да убедиме некој од нив, но тие најчесто добиваат или стомачен вирус или наеднаш температура пропратена со жестоко потење и не се во состојба да постапат за нешто кое е толку очигледно и јасно, веќе другиот ден тоа е стара вест. Но затоа нека биде сосема јасно. Нема да има компромиси и нема да има отстапки. Ќе го ослободиме системот од корупцијата, ќе изградиме држава во која владее правото и во која секој граѓанин ќе може да го оствари својот потенцијал. Македонија ќе чекори кон Европа со гордост и со подигната глава“, нагласи Мицкоски.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content