Како што соопшти потпретседателката на ДИК, Дитмире Шеху, од вкупниот број гласачи, во изводите на Избирачкиот список се запишани 1 740 147 гласачи. Во посебните извори од Избирачкиот список за лица кои согласно евиденцијата на надлежниот орган се на привремена работа или престој во странство се запишани 82 461 гласач, на издржување казна затвор или се во притвор се запишани 1899 гласачи, лица кои се во установи за вонсемејно сместување се запишани 351 гласач и во посебниот извод на Избирачкиот список кои согласно евиденцијата на МТСП се водат како внатрешно раселени лица се запишани шест гласачи.
Потпретседателката Шеху и членот на ДИК Кренар Лога имаа издвоено мислење т.е. несогласување за Избирачкиот список што се однесува до општините Чучер-Сандево и Бутел и изјавија дека нема да ги потпишат изводите за овие две општини.
За утврдување на изгледот и содржината на гласачкото ливче што беше точка од дневниот ред, членовите на ДИК ќе одлучуваат на затворен дел од седницата затоа што, како што појасни членот Борис Кондарко, така се практикува во сите претходни избори.
ДИК го определува изгледот и содржината на гласачкото ливче, притоа ДИК ги пропишува и соодветните заштити на ливчето, кои се видливи и невидливи, и поради заштита на интергритетот, тајноста и регуларноста на целокупниот изборен процес, овој дел од седницата е затворен за јавноста, рече Кондарко.
На вечерашната седница беше усвоена и одлука Регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми да се дополни со уште три радија (Комета Гоствар, ТРД Радио Битола и Радио 105 Битола) и ТВ Нова од Гевгелија кои во законскиот рок доставиле коригиран ценовник.
Исто така, беше усвоено барањето на Амбасадата на Албанија да им се издадат овластувања за пет предложени набљудувачи да го следат одржувањето на локалните избори.