НА ДЕНЕШЕН ДЕН: Од предавство, на 28 години, за слобода на Македонија загина Никола Карев

47

Предавство во смрт го однесе претседателот на Крушевската Република, Никола Карев, кој на денешен ден во нерамноправна битка, на 28 годишна возраст, го даде својот живот за слобода на Македонија.

Карев, кој е роден во Крушево во 1877 година загина на 27 април 1905 година во месноста Свиланово, во близина на кочанското село Рајчани. По неуспешните обиди легално да се врати во Македонија, пролетта 1905 година, Карев решил да го стори тоа илегално. За Македонија тргнал со товар литература и со намера да се оддаде на социјалистичка дејност. На 26 април 1905 година, неговата чета на пат за Крушево преноќила во селото Рајчани, помеѓу Кочани и Пробиштип. Но, тука четата била предадена и веднаш била опколена од турската војска.

Следниот ден, на 27 април, во нерамна борба со турскиот аскер, кај месноста Свиланово, загинал Никола Карев, заедно со повеќе борци од неговата чета.

Син на сиромашен ќумурџија

Карев е роден како четврто дете во сиромашното јагленарско семејство Кареви. Во 1892 година е принуден да го прекине школувањето и да се вработи како столарски чирак. Во 1895 година го напушта родното Крушево и како 16-годишно момче заминува на печалба во Бугарија. Прво работи како помошник ѕидар, а потоа станува столарски работник во работилницата на велешкиот столар и основач на Македонската работничка социјалистичка група во Софија, Васил Главинов. И самиот се вклучува во работата на Македонска социјалистичка група – регионална фракција на Бугарската работничка социјалдемократска партија.

Во Крушево се враќа во септември 1899 година и се зафаќа со докомплетирање на своето образование. Поради полагањето на завршниот испит во јуни 1900 година, Карев не учествува на Првата социјалистичка конференција во Македонија. Една од одлуките на конференцијата била македонските социјалисти да влезат во редовите на ТМОРО. Социјалистите, вклучително и Карев, во Организацијата се примени во февруари 1901 година.

Во јуни 1901 година завршува четврти клас во Битолската класична гимназија и во учебната 1901/1902 станува егзархиски учител во крушевското село Горно Дивјаци. Следната учебна година е префрлен на работа во Крушевската прогимназија.

На чело на Крушевскиот револуционерен комитет застанува во јануари 1903 година. Учествува на Смилевскиот конгрес во мај истата година и се спротивставува на решението за кревање на Илинденското востание, сметајќи дека народот сè уште не е доволно подготвен да се крене на востание.

Сепак, по одлуката за кревање востание, во својство на началник на Горскиот штаб, Карев активно учествува во подготовка и организација на востанието. Спроти востанието, тој, во име на Штабот, објавува Проглас во кој го повикува народот на востание. Ноќта на 2 август 1903 година околу 750 востаници, предводени од горскиот началник Никола Карев, го нападнале и го ослободиле Крушево.

Во Крушево почива од 1953 година

За време на востаничката власт во Крушево, Карев е на чело на Штабот на крушевските востаници и не врши ниту една од функциите во новоизбраните цивилни органи на востаничката власт. Сепак, фактички, тој бил на чело на новата востаничка власт, поради што му се припишува функцијата претседател на Крушевската Република.

Помеѓу поважните одлуки што ги донесе Карев е упатувањето на Крушевскиот манифест до муслиманско население во кое братски се повикуваше да ја поддржи и да ја помогне борба на сите обесправени во Македонија.

Со паѓањето на градот во османлиски раце, тој со своите соработници се повлекол во околните планини на Крушево, а кон средината на ноември 1903 година се префрлил во Белград, а оттаму во Софија. Во Софија, Карев ја обновил својата активност и учествувал во формирањето на Македонско-одринската работничка социјалдемократска група во 1905 година, како огранок на Бугарска работничка социјалдемократска партија.

Посмртните останки на Карев, во 1953 година, по повод одбележувањето на 50-годишнината од Илинденското востание, биле пренесени во Крушево. На 11 април 1990 година, тие биле пренесени во Македониумот.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content