Покана од храмот Св. Кирил и Методиј Параклис до верниците – Донесете ги дечињата на Божик на причесна! Секое дете ќе добие и пакетче!
-Децата се споредуваат со ангелите. Свети Јован Златоуст вели дека доколку сакаме да го наследиме небесниот живот, треба да се трудиме во здобивање на добродетелта смирение и да ги соединиме мудроста со простотата. Таков е, всушност, ангелскиот живот, а таква е и детската чистота.
Христос рекол на такви е царството небесно, за да нè натера да го правиме и ние она што го прават децата. Славејќи го Рождеството Христово ги повикуваме сите деца да го посетат нашиот храм да го вкусат Христос, причестувајќи се, а по светата БОЖИКНА литургија која започнува во вторник од 08 часот, како и секоја година, ќе се поделат БОЖИЌНИ ПАКЕТЧИЊА за секое дете, па така радоста да ја умножиме во срцата на најмалите наши ангелчиња, со тоа славејќи го Бог во неговото за нас спасоносно раѓање.
Исполнувајќи ја оваа Христова заповед:
„И како повика Исус едно дете, го постави меѓу нив и им рече: ‘Вистина ви велам, ако не се повратите и не бидете како деца, нема да влезете во царството небесно: кој, пак, ќе се смири како ова дете, тој е поголем во царството небесно’“.
Исто така повторно, советуваме децата и да се причестат. Во однос на подготовката за причест, според учењето на црквата се препорачува децата од мали нозе да се учат на пост, но во случајов барем последните неколку дена пред Божик.
Ова не е задолжително за децата до седумгодишна возраст. Убаво би било, но не мора да постат, ниту пак некој друг треба да пости за нив. За повозрасните деца се препорачува, поучно, да постат (пост на масло) како што рековме, барем последните два-три дена пред Божик. Утрото пред богослужбата младите треба да бидат гладни и жедни, освен бебињата до едногодишна возраст.
Братството на храмот св.св.Кирил и Методиј ви го честита ХРИСТОВОТО РАЃАЊЕ!