Над 30 дела од меѓународната колонија “Дрен 2023”, изложени во галеријата на ЦК “Марко Цепенков” (ФОТО)
Изложба на дела од ликовната колонија “Дрен 2023”, што се одржа годинава во јули, по 15. пат, отворена е во ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп.
На изложбата се претставени вредни дела од уметниците Павлина Копано, Славица Танеска, Александра Димитрова, Мирјана К. Массети, Дамјан и Елена Ѓуров, Стефан Анчевски, Благојче Наумоски – Бане, Методи Исков, Маја Ралева Миладиновски, Филип Јовески, Филип Перески, Маја Танеска, Тони Чатлески, Верче Николоска, Славчо Павлески, Габриел Димитровски, Филип Ристески, Елена Пантелиќ и Марјан Стојаноски, кои користејќи различни материјали, дрво, метал, прилепски мермер, односно природни материјали, содадоа творби кои остануваат трајно наследство за Центарот и државата, бидејќи колонијата се реализира со поддршка на Министерството за култура.
Преку 30 дела од меѓународната ликовна колонија „ДРЕН 2023“ се на увид пред љубителите на уметноста.
-Од многубројното и разнообразно творештвото коешто го создадоа уметниците – сликари и скулптори, можат да се препознаат и дефинираат повеќе разни ликовни стилови: експресионизам, минимализам, асоцијативна и геометриска апстракција, како и фантастичен реализам – вели м-р Викторија Димеска, историчар на уметност.