Намален е речиси на половина бројот на хоспитализираните пациенти во четирите ковид-оддели во Општата болница „Борка Талески” во Прилеп, но не се препорачува опуштање, бидејќи треба да се видат последиците од новогодишните и божикните празнувања, велат од таа јавна здравствена установа, каде на четирите ковид-оддели се хоспитализирани 70-ина пациенти.
Иако за речиси половината е намален бројот на хоспитализираните, а за една третина на амбулантските прегледи, сепак не треба да се размислува за опуштање. Инфектологот Мирјана Крстеска, раководител на Инфективното одделение при болницата смета дека допрва ќе се видат последиците од празнувањата, кој колку се придржувал. На одделенијата над 70 отсто од пациентите се на кислородна поддршка и главно се повозрасни пациенти.
И денеска имаме нови хоспитализации. Колку што испишуваме, толку и хоспитализираме. Бројката ни стои на исто ниво. Обично хоспитализираме постари пациенти со повеќе коморбидитети. Во инфективното одделение речиси сите 28 пациенти се на кислородна поддршка, постојана и повремена. И сите се повозрасни пациенти. Епидемиолошката слика зависи колку граѓаните се придржувале на мерките за празниците. Ако добро се придржувале, бројката ќе остане ваква каква што е. Но, сметам дека ќе имаме мало зголемување по 14-тина дена, вели инфектологот Крстеска.
Според неа, се соочуваат со нова ситуација – пост-ковид проблеми кај пациентите кои прележале корона-вирус. Посочи дека неопходна е помошта на интернистите.
Постојано доаѓаат пациенти кои подолго време се позитивни, па имаат некакви компликации, па бараат контроли, повторни прегледи. честопати се случува и по прележаниот ковид да имаат тешкотии, проблеми со дишењето, па ги праќаме на интерното одделение. Се консултираме со интернистите. Тие што прележале, најчесто се жалаат на проблеми со дишењето, со пониска сатурација, и покрај тоа што поминало лекувањето, се излекувани, но сепак имаат проблеми и тегоби. Затоа, мора да се консултираме и со интернистите, како пост-ковид компликации, на некој начин, вели инфектологот Крстеска.