Муцунски од Прилеп: Наша должност е да ги почитуваме херојските дела на бранителите

105

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска на споменикот ,,Карпалак” во Прилеп, положи венец со свежо цвеќе во спомен на десетмината припадници на македонската армија кои во 2001 година го загубија својот живот кај месноста Карпалак на патот Скопје – Тетово.

Во обраќањето пред семејствата на загинатите и многубројните делегации кои оддадоа почит на загинатите бранители, министерот Муцунски изрази почит за Сашо, Нане, Бранко, Марко, Ердован, Љубе, Дарко, Веби, Горан и Пеце, за нивната храброст и пожртвуваност во одбраната на територијалниот интегритет.

„Жртвата на хероите од Карпалак е силен потсетник да ги одржуваме и да останеме верни на овие вредности. Бранителите платија највисока цена во еден од најтешките мигови за македонскиот народ, кога нашата држава беше нападната и на чекор до бездна. Наша должност е да ги паметиме и да ги почитуваме нивните херојски дела, а истовремено да ги користиме сите расположливи механизми за да обезбедиме мирна, стабилна и безбедна иднина за граѓаните”, истакна министерот Муцунски во своето обраќање.

Министерот Муцунски порача дека нивната жртва нѐ потсетува дека секогаш треба да останеме мудри во донесувањето одлуки, за никој повторно да не доживее слична судбина.

„Како што хероите на Карпалак застанаа во одбрана на вредностите и принципите кои не дефинираат како нација, денес сме должни со иста таква посветеност, решителност и мудрост да се соочиме со предизвиците кои ги носи иднината. Хероите никогаш не умираат, но наша одговорност е да се сетиме на нивната жртва при носењето на секоја важна одлука за државата.“, додаде министерот Муцунски во своето обраќање.

Тој на крајот потенцираше дека Владата ќе продолжи да работи со целосна посветеност на поддршката на бранителите и нивните семејства.

„Ќе се залагаме за конкретни проекти и мерки кои ќе обезбедат поддршка и грижа, за оние кои дадоа се“, заклучи министерот Муцунски во своето обраќање.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content