Место за повеќе од половина век, Бујар Османи во денешното обраќање за 55-годишнината од постоењето на Министерството за надворешни работи, направи ретроспектива само на последните 4 години, додека тој е на функцијата министер.
По тој повод, Османи се задржа на делумниот почеток на преговорите за членство во Европската Унија и усогласеноста со надворешната и безбедносна политика на ЕУ; Стратешкиот дијалог со САД; поддршката на Украина; заедничкото учество со сојузниците во мисиите предводени од НАТО долж Источното крило на Алијансата, во рамки на зајакнатото истурено присуство во Латвија, во Романија и во Бугарија.
Во обраќањето не спомена ништо за неговите претходници и креирањето на надворешните политиките во период од пет децении.
“Во изминатите четири години направивме многу, како во однос на исполнувањето на главните стратешки приоритети во надворешната политика, така и во однос на реализацијата на нови проекти и иницијативи и со гордост можам да заклучам дека и покрај условеноста од комплицираните регионални и меѓународни случувања, успеавме Македонија да ја поставиме на пиедесталот на меѓународната сцена како активен, доверлив и кредибилен фактор во глобални рамки“, истакна Османи.
Педесет и петгодишнината се случи во период кога во тек е кампањата за парламентарните и претседателските избори, па така настанот беше засенет и од новинарските прашања исклучиво за политиките на ДУИ, пришто Османи одговараше во својство на партиски портпарол.
Историјата на институција надлежна за надворешната политика започна на 29 април, пред точно 55 години, во Скопје, кога беа зачнати корените на дипломатската служба со формирањето на Бирото за односи со странство. По стекнувањето на независноста во 1991 година, ова исто тело прерасна во Секретаријат за односи со странство, за три години подоцна, конечно да се трансформира во Министерство за надворешни работи.