Цените на млекото и млечните производи вртоглаво растат во малопродажба, а директните производители се на работ на егзистенција. Кравјото млеко се откупува по 24 и 25 денари за литар, а се продава за 60 до 70 денари. Субвенциите им доцнат две години, а данокот им се зема на месечно ниво.
– Од 1-ви до 1-ви следниот месец, јас продадам 2,5 тони млеко. Данокот веднаш ми се зема, а порано беше на годишно ниво. На крајот на годината го земаа, а сега секој месец го земаат, а ние две години не можеме да ги земеме субвенциите. И сега не знеш за тие 24 месеци дали и кога ќе ти ги пушти или ќе украде половина – изјави Никола Симоновски, фармер од с. Митрашинци
Исто е и со сирењето и кашкавалот, чија малопродажна цена се движи помеѓу 600 и 850 денари, на што фармерите имаа ироничен коментар.
– Браво, нека им е на здравје. Јас го продавам по 400 денари и им е скапо. Браво, а ние можеби ќе издржиме уште година-две, ама ако продолжи вака уште оваа година ќе се откажеме. Јас со тие 12 крави што сум ги чувал сум праќал деца на студии и сум ги школувал, а сега не можам да ги покријам сметките и храна да купам за стоката – изјави Зоран Мачевски, фармер од с.Робово
Одгледувањето на крави и овци од година во година станува се понерентабилно, се жалат сточарите, што резултира и со намалување на сточниот фонд. Бројот на крави во последните 5 години се намалил за околу 30 000 грла, а 70% од кравјото млеко се произведува во мали семејни фарми.