По 17-ти пат прилепчани вчера се поклонија пред својот заштитник на градот, Светиот Николај Чудотворец, празник кој најмасовно се празнува во градот под Марковите Кули.
Од 2006 година со акт на локалната самоуправа Св. Никола е прогласен за заштитник на Прилеп, а во центарот на градот беше подигнат и параклис во негова чест.
Како и секоја година, така и оваа празникот се одбележа со водосвет и прережување на празничниот колач пред параклисот, а потоа и со празнична посна трпеза на плоштадот “Александрија”, каде беа послужени традиционалните прилепски сармички, вкусно гравче и риба.
Пред верниците традиционално се обрати и Митрополитот Преспанско-Пелагониски и администратор Австралиско-Новозеландски, Владиката Петар, кој одржа прекрасна празнична проповед.
Митрополитот Петар меѓудругото упати апел до локалните власти, градоначалникот и општинската администрација, празникот од наредната година да биде неработен ден, за секој, од најмлад до највозрасен да може да присуствува во торжественото празнување и да може да ги посети светите храмови.
“Упатувам апел до градоначалникот, претседателот на Советот и општинарите, да се прогласи овој ден да биде ден слободен, неработен, и сите да се најдеме во храмовите, сите да прославуваме. Сега кога доаѓавме тука, дечињата од училиштето не’ забележаа и почнаа да ни тропаат на прозорците за да не поздрават. Зошто да не се и тие слободни денеска, сите да сме слободни, па ако нема друг начин за да се прогласи овој ден да биде неработен, односно ден на прослава, ден на заедничко славење на Светиот Николај, нека биде макар со одработување во друг ден од седницата”, порача Митрополитот Петар кој упати срдечни празнични честитки до сите верници.
Целото обраќање на Владиката Петар проследете го од четвртата минута во видеото во продолжение.
Извор: МаркукулеМК.