Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) издадоа казни во вкупна вредност од 8 350 евра (во денарска противвредност) на 14 месарници поради констатирани неправилности во нивното работење. Ова е резултат на 73 вонредни инспекциски контроли.
Според информациите од АХВ, надзорите биле спроведени на 30 април годинава на целата територија на државата. Заради небезбедност, уништени се 323 килограми прехранбени производи.
“Со спроведените контроли на месарниците издадени се 23 решенија за отстранување на утврдени недоследности”, соопштија од АХВ.
Тројца оператори пласирале небезбедна храна во продажба, кај 7 се откриени слабости во однос на примената на правилата за добра производствена и хигиенска пракса, додека четири месарници не извршиле задолжителен санитарен преглед на вработените.
Погрешно обележување на производите било констатирано кај три месарници, а исто толку не биле евидентирани во АХВ како оператори со храна.