МВР предупредува: Има фишинг напади, граѓаните да не ги споделуваат личните податоци со непознати лица
Фишинг нападот, како што појаснуваат, е обид за измама на корисниците преку испраќање на лажна порака која изгледа како вистинска.
„Фишинг нападите имаат за цел да го измамат примачот на пораката и да го наведат да ги открие своите лични податоци, да посети лажна веб страна или да отвори додаток (прилог) прикачен на пораката кој е заразен со вирус. Обидите за фишинг обично доаѓаат преку електронска пошта, но и од социјални мрежи, преку текстуална СМС порака или со телефонски повик“, се истакнува во соопштението на МВР.
Оттаму, МВР со цел заштита на граѓаните, на нивните лични податоци и можните злоупотреби и последиците што можат да произлезат, апелира до граѓаните за посебна внимателност при добивање на ваквите пораки, да не наседнуваат на измами од ваков тип и нивните лични податоци да не ги споделуваат и разменуваат со непознати лица, како и со лица на кои не може да им се утврди вистинскиот идентитет, со цел спречување на нивна понатамошна злоупотреба.