Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски најави дека со своите приврзаници ќе формира граѓанско движење по примерот на движењето „За наше Куманово” кое беше формирано за локалните избори и дека пред граѓаните на парламентарни избори ќе се излезе со реално прифатливи политики како понуда со кои првенствено ќе се направи ред, правен поредок и просперитет на државата, со акцент на економски развој и владеење на правото.
„Ќе направиме пресврт во општеството, политиката да биде во функција на граѓанинот, а во однос на Бугарија, добри соседски односи кога таа земја ќе ѝ мисли добро на Македонија“, вели тој за МКД. Мк
Според него тоа ќе биде движење со лев карактер и со централни политики по однос на националните прашања на државата.
„Никогаш немам кажано нешто негативно за мојата партија СДСМ, но ќе потенцирам дека луѓето кои што во моментов ја водат и менаџираат СДСМ се далеку од социјалдемократските вредности и партијата ја трансформираа во своевидна приватна фирма, или пак може да се дефинира како груевизам“ изјави тој.
Димитриевски додаде дека движењето е веќе регистрирано во Куманово како невладино, а во моментот кога ќе добијат информација за времето на одржување на следните парламентарни избори, движењето ќе биде официјално промовирано во јавноста.
Димитриевски истакна дека има експерти од буквално сите општествени области.
– Станува збор за врвни интектуалци, теоретирачи и луѓе од праксата, како и за луѓе од реалниот бизнис, но и успешни работници и земјоделци, како и од други категории на луѓе и професии, рече тој.