Според Јавниот оглас за вработување на здравствени работници на неопределено време ГАК има потреба од двајца доктори на специјализација по гинекологија и акушерство, еден од турска и еден до албанска националност, предвидено е вработување на двајца специјализанти по педијатрија од албанска националност и специјализанти по анестезија и интензивна медицина каде што се бараат Ром (ка) и Албанец (ка).
Министерот Фатмир Меџити одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција рече дека пред објавување на конкурсот огласот се одобрува од управниот одбор на клиниката и дека Законот го предвидува тоа, но се согласува со јавноста дека знаењето и искуството е пред се.
Премиерот рече дека законот е таков, но етничката припадност според него не може да биде професија.
– Но сум кажал многу пати, етничка припадност не може да биде професија. Само на Западен Балкан е професија етничката припадност. Ќе ви дадам еден пример, кога беше пандемијата, голем број на наши сограѓани имаа потреба од Клиниката за Инфектологија, а таму беа Демири, Цана и Стефановиќ. Така што етничка припадност не игра улога во професионалноста – истакна премиерот.
Според претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска неуставни и незаконски се сите огласи за вработувања во јавната администрација во кои се бара кандидатите да бидат припадници на соодветна националност и рече дека пред Уставот сите се еднакви и нема никаква разлика дали некој е Македонец, Албанец, Турчин, Србин, Влав, на последната средба со новинарите.
„За огласите на другите институции во кои веќе две децении се нагласува од која националост треба да бидат примените кандидати, не сум ги видела, но ако се такви, огласите се противуставни“, смета претседателката.