Би сакал да потсетам и дека за вработените во МВР, на кои им се исплатува плата по Закон за работни односи е извршено усогласување со минималната плата и почнувајќи од месец март годинава, сите вработени по овој Закон имаат усогласени плати односно зголемени плати. Меѓудругото, на 5.897 вработени во МВР, кои оствариле над 150 часови прекувремена работа во текот на 2021 година, им беше исплатена бонус платата во поединечен нето износ од 28.718 денари (463 евра), како континуитет на обврската која ова раководство ја третира како врвен приоритет, до сега за оваа намена од Буџетот на МВР издвоени се 188.167.373 денари, средства коишто се обезбедени со домаќинско и планско работење. Досега, вклучувајќи ја и бонус платата за 2021 година, исплатени се пет бонус плати со вкупна вредност од 561.773.133 денари односно 9.060.857 евра. Вработените овие средства веќе нема да ги бараат преку суд, со што Министерството нема да се изложува на непотребни судски трошоци по тужбите на вработените. Од 2017 година наваму, ова раководство на МВР го позиционираше како стратешки приоритет статусот на полициските службеници и вработените во МВР, како и сеопфатното материјално-техничко и инфраструктурно подобрување на условите за работа, но и со спроведувањето на загарантираните права на сите вработени, истакна Спасовски.
Само задоволна полиција претставува ефикасен сервис кој испорачува резултати во активностите за гарантирање на безбедноста и остварување на правата на сите граѓаните. Продолжуваме… порача тој.