За првите шест месеци производителот на „Златен Даб, „Крали Марко“, препознатливата „Газоза“ и другите газирани сокови книжи раст на продажбата од речиси половина милион евра. Добивката за пола година е речиси еден милион евра
Прилепска пиварницата има одлично полугодие. Расте продажбата, расте профитот, нема кредити. Најголемата домашно поседувана компанија за производство на пиво и безалкохолни пијалоци за првите шест месеци продаде пива и сокови во вредност од 12,2 милиони евра што е за 474.000 евра подобар резултат од претходната година.
Со солиден ангажман на домашниот пазар Прилепска пиварница ја зголеми продажбата за 4 отсто и таа за шест месеци изнесува 12,15 милиони евра.Тоа е резултат на почит и сам по себе доволно говори за тоа колку на домашниот пазар се бараат производите на пиварницата од Прилеп. Извозот секако е мала и небитна ставка во проходната структура. За првите шест месци изнесува 97.000 евра.
Оперативните расходи на друштвото изнесуваат 11,99 милиони евра и се зголемени за 5 отсто. Најголема расходна ставка се трошоците за суровини кои изнесуваат 5,06 милиони евра.
Оперативната добивка за првото полугодие изнесува 859.000 евра и е за 30 отсто повисока во споредба со лани.
Финанските приходи на Пиварница се намалени за 35 отсто во однос на лани и изнесуваат 118.000 евра. Но многу поважна вест за акционерите е таа што финансиските расходи се само 13.000 евра и се за 43 отсто пониски од претходната година.
Од билансот на состојба се гледа дека Прилепска пиварница нема кредитни обврски и целосно финансира од сопствени средства.
Билансот на состојба покажува дека обврските на пола година се на ниво од 5,23 милиони евра од кои кон добавувачите се 3,6 милиони евра. Побарувањата на друштвото се 3,7 милиони евра.