Локални и регионални трговци „ќе се надмудруваат“ со Владата за цените

99

Трговците и маркетите кои пред еден месец формираа „Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалоци и тутун“ за да се спротистават на ограничувањето на маржите и ценовните мерки го формализираа своето работење, но без членови од типот на малопродажните гиганти како „Тинекс“, „КАМ“, „Стокомак“, „Веро“, „Рамстор“, „Кипер“, „Жито“ или „Кит-Го“.

Овие трговци, иако се уште го немаа регистрирано здружувањето, во неколку наврати побараа итна средба со Владата и се обидоа да влијаат на најновата одлука за ограничувањето на маржите до 30 април, со опфаќање на основните прехранбени продукти, детергентите и бебешката храна. Главно нивниот аргумент беше дека за високите цени виновен е увозот и производителите.

Во комората членуваат 56 основачи. Иако голем број од нив се локални колонијали, буквално ги има од секоја урбана и рурална општина каде што се најпрепознатливи меѓу своите клиенти. Од Скопје најпознати се Рептил, Зур, Рисал, Григос маркети, АсСтор маркети Скопје и други, кои имаат по неколку маркети во повеќе скопски населби.

Локални маркети кои доминираат во своите градови се ТД-ТД и Мин-Екс од Кавадарци, Елида и Ду-Бо ДД во Куманово, Гега од Струга, Киси Трејд (Мега Маркет) и Црвена Ружа од Струмица, Монтенегро и Топ Фреш од Гостивар, Тамаро од Охрид, Маком од Радовиш, Дукла (Ас Маркет) Кичево, Евро Вин Виница, Алда Маркети Тетово и други.

Членуваат и познати дистрибутери како Подгорка од Струга, Хоризонт од Турново, Бадев Кавадарци, Монтреал и Макс Дринкс од Кочани, Футура Прилеп, Бе-Еј Груп Тетово и други. Останатите членови главно имаат по еден до два маркети или пак по само неколку продавници кои гравитираат главно околу едно населено место.

Во самите пропишани цели на оваа комора пишува дека намерата е да се маневрира со економските и правните спорови, како и „да се подобрува регулативата“, а најважно ќе биде како да се примени Законот за заштита од нефер трговски практики, кој веке е во сила и со кој се очекува намалување на цените, но и високи казни за трговците, дистрибутерите и производителите доколку не го спроведуваат.

Претседател е Лавдрим Гега, сопственикот на маркетите „Гега“ од Струга, кој досега повеќе пати излегуваше во јавност со изјави во име на комората.

„Оваа Комора ќе игра клучна улога во создавање на фер и стабилна деловна средина, штитејќи ги интересите на сите учесници во трговијата со прехранбени и сродни производи“, порачуваат основачите.

Комисијата за заштита на конкуренцијата минатиот месец отвори прекршочна постапка за четири големи ланци маркети за наводно формирање картел, но и против една од поголемите комори во земјава – Сојузот на стопански комори.

Од Државниот пазарен инспекторат пак минатата недела соопштија дека
осум правни субјекти од кои три маркети, една аптека и тројца најголеми увозници на овошје и зеленчук се затворени на 15 дена поради непочитување на владините мерки за маржите.

Со измените на Законот за заштита на потрошувачите, почнувајќи од средината на април трговците ќе имаат задолжителна обврска да ги објавуваат цените на сите производи на своите интернет страници.

– Контролата на цените на производите е робусна и жестока како никогаш досега, рече во саботата премиерот Христијан Мицкоски и најави дека од оваа недела ќе имаат состанок за законските измени како една од мерките да се спречи ново покачување на цените по 30 април, по што, како што рече, ќе може да каже повеќе детали.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј Радио
Skip to content