Лашкоска: Завршен системот за водоснабдување на Делчево

102

Заменик министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска, заедно со амбасадорката на Швајцарската Конфедерација во Скопје, Вероник Улман и градоначалникот на општина Делчево, Горан Трајковски, денеска присуствуваа на свеченоста по повод официјалното пуштање во употреба на пречистителната станица за вода за пиење во с. Тработивиште, oпштина Делчево со што и официјално завршува проектот „Подобрување на водоснабдувањето во Делчево “.

Истакнувајќи дека инвестирањето во водоснабдителниот систeм на општина Делчево значи остварување на стратешките определби на Министерството за животна средина и на Владата за обезбедување пристап до чиста вода за пиење до секој жител во државава, заменик министерката Лашкоска информираше дека МЖСПП во овој проект учествува со средства во висина од 1.6 милиони швајцарски франци искористени за реконструкција проширување на постојната водоснабдителна мрежа за селата Ѕвегор и Габрово и нивно приклучување на водоводната мрежа во о. Делчево. Инаку најголемиот дел од инвестициите се обезбедени од страна на Швајцарската влада (7 милиони франци), а контрибуцијата на општина Делчево е во висина од 40 илјади швајцарски франци.

„Успешното завршување на проектот „ Подобрување на водоснабдувањето во Делчево“ е пример како со заеднички напори и системски пристап може се постигнат трајни решенија за одржлива употреба и зачувување на природните ресурси, преку воспоставување на квалитетен систем за водоснабдување“ рече Лашкоска во обраќањето, додавајќи дека проектот за време на неговата реализација се прилагодувал на најновите социо-економски промени и за работа ги искористил најдобродостапните технологии засновани на обновливи извори на енергија со што се потврдува дека определбата на државата за зелена транзиција и одржлив развој преку ориентираност кон обновливи извори на енергија веќе се широко прифатени и се применуваат.

Лашкоска информираше дека системот за водоснабдување за селата Ѕвегор и Габрово и нивно поврзување со водоснабдителниот систем на Делчево е во фаза на тестирање и во најскоро време се очекува да профункционира. Таа истакна дека Владата преку најновиот повик за помош на општините ја поддржал општина Делчево со неколку дополнителни проекти и искажа очекувања дека добрата соработка со општина Делчево во делот на водоснабдувањето, ќе продолжи и во реализација на започнатите процесите за воспоставување на регионалниот систем за управување со отпад со што ќе се надминат двата најголеми предизвика, водата и отпадот.

„Пристапот до вода за пиење е основно човеково право. Властите, во партнерство со граѓаните, сносат одговорност да преземат суштински чекори за промовирање и заштита на ова право. Сепак, остварувањето на ова право е сложено и бара значителни финансиски ресурси, техничка експертиза, силна политичка посветеност за решавање на потребите на граѓаните и взаемна доверба меѓу граѓаните и властите“ изјави амбасадорката Вероник Улман додавајќи дека со задоволство ги гледа резултатите од проектот „Чиста вода за Делчево“. Проектот, како што напомена таа, опфаќа изградба на пречистителна станица за вода, подобрување на водоводната мрежа и зајакнување на Јавното претпријатие.

„За да се обезбеди одржливост на овие напори, од клучно значење е претпријатието ефикасно да управува со пречистителната станица и граѓаните да поддржуваат квалитетни услуги преку плаќања. Швајцарија останува посветена на поддршката на Северна Македонија во подобрувањето на услугите за водоснабдување и канализација“, порача Улман.

Градоначалникот на Делчево Горан Трајковски истакна дека ова е најголема инвестиција во Делчево и околните населени места и највредниот проект што е реализиран во оваа општина.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content