К-15 треба да добиете и годинава, минимумот е околу 11 илјади денари – До кога треба да се исплати

44

На работодавците од приватниот сектор им останува уште еден месец да ја исполнат законската обврска за исплата на регресот за годишен одмор, попознат како К-15. Регресот според одредбите на Општиот колективен договор треба да се исплати до крајот на годинава и тоа во висина од 10.905 денари, што е еднакво на 40 проценти од просекот на последните три просечни нето-плати исплатени во државата, објавени од Државниот завод за статистика.

Иако годината е кризна, па дел од работодавците платите на работниците им ги исплатуваат со помош од државата, а некои поради кризата воопшто не работат, обврската за исплата на К-15 и понатаму постои. Од почетокот на кризата па досега со вонредни мерки или интервенции во закони се сменија многу работи, но одредбите за исплата на регресот и за казнените одредби за неисполнување на таа обврска останаа. Дека според Колективниот договор треба и годинава да се исплати К-15 потврдуваат и работодавците и синдикалците.

 

Исплатата на К-15 остана како обврска. Дел од компаниите веќе го исплатија. Некои тоа го направија само за да ја исполнат законската обврска, некои пак за да ги мотивираат вработените. Тие направија трошок, а со тоа инвестираа во работниците. Но, поголемиот дел од компании се соочени со финансиски тешкотии. Тие треба да се договорат со вработените околу исплатата на К-15. Но, нагласувам, битно е тоа да се продискутира со вработените преку синдикалниот претставник или претставник на работниците ако во фирмата нема синдикат, вели Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерацијата на Македонија.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија очекуваат и оваа година работодавците да ја исполнат обврската за исплата на К-15 како што е предвидено со колективните договори.

„Исплатата на регресот за годишен одмор е уредена со Колективните договори, а Колективните договори според Уставот на државата имаат еднаква правна важност како и законите. Важењето на Колективните договорни не може да се суспендира од страна на државни органи“, вели претседателот ан ССМ, Дарко Димовски.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content