Крајно време е да се креира и усвои визија, мисија и стратегија за спроведување на надворешната политика
Покрај тоа, посочуваат од Советот, треба да одредат ниво на транспарентност во процесот на преговарање, усвојување и потпишување на мултилатерални и билатерални договори, кои ги допираат идентитетските прашања (нација, етникум, јазик, литература, култура, историја) на македонскиот и останатите народи во земјата, како и да се залагаат за непартизација на дипломатскиот сервис и негова професионализација, согласно стандардите на ЕУ.
„Од моментот на осамостојувањето, па сѐ до денес, Северна Македонија се наоѓала во состојба на разновидни блокади, уцени, ултиматуми и други видови препреки при зачленувањето на земјата во Обединетите Нации, признавањето од Европската Унија и членството во НАТО. А, најгруба, и во историјата на ЕУ досега незабележана блокада, е поставена пред отпочнувањето преговори на земјата со најдемократската Унија на држави,“ велат од Советот на амбасадори.
Од таму сметаат дека освен надворешниот фактор, за некои од спомнатите состојби се одговорни и сите политичките партии од Северна Македонија, а најодговорни се најголемите.
Во однос на кадровската политика на дипломатскиот сервис, Советот на амбасадори, повторно укажува на потребата од напуштање на досегашната пракса на партизирани унапредувања и именувања и примена на сосема поинаков пристап, согласно стандардите на ЕУ и земјите со развиени и успешни дипломатски служби.
„Одредени постапки во досега применуваниот систем, сериозно го уриваат угледот на македонската дипломатија и на државата во целина. Советот на Амбасадори цени дека во МНР нема доволен број на докажани кадри од високодипломатски ранг и смета дека при поставувањето на идни амбасадори треба да се користи можноста и за избор на личности, кои се надвор од МНР, Парламентот или Владата, односно од Кабинетот на Претседателот на државата,“ велат од Извршниот одбор на Советот на амбасадори.