СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Култура

Коњаниците преку Петровец се упатија кон Крушево

Дваесет и осум коњаници меѓу кои и една девојка денеска од Горно Лисиче тргнаа на пат кон Крушево. Таму се очекува да пристигнат на 2-ри август, каде што ќе се поклонат на борците за слобода на Македонија, на 119 годишнината од големиот македонски празник, Илинден.

Ели е единствената девојка, во друштво на 27 мажи, додека пак најмладиот учесник Даме Трпковски кој има само 15 години, веќе трет пат е дел од Илинденскиот марш.

Да бидам дел од коњаницата беше моја животна желба. Иако немам никакво искуство во јавање коњ, одлучив да бидам дел од Илинденскиот марш. Заедно со останатите коњаници имавме неколкудневни подготовки, по кои се чувствувам подготвена да јавам до Крушево, вели Ели.

Мартин Петрушевски деветта година по ред е дел од маршот, а оваа година е на чело на коњаницата.

Оваа година сум војвода, на чело на коњаницата. Учествувам бидејќи ми претставува привилегија да се поклонам на честа на илинденците, луѓето кои направиле многу за Македонија. Самото патување е предизвик, се соочуваме со разни временски прилики, но поддршката која ни ја даваат граѓаните низ населените места од каде што поминуваме е бесценета и ни дава сила да издржиме, вели Петрушевски.

Организаторот на маршот, Гоце Трпковски нагласи дека подготовката за маршот предвидува детална организација околу обезбедување коњи, место за преспивање, пратечки возила кои ќе се грижат за безбедноста на коњаниците и комитски носии.

Вечерва ноќта ќе ја поминеме во Велес, потоа во Теово, Ропотово и на 31 јули ќе преспиеме во Крушево по што ќе отидеме на Мечкин Камен да положиме цвеќе на нашите илинденци, рече Гоце.

Кон Крушево денеска ги испрати градоначалникот на Петровец, Борче Митевски, кој на младите им порача да ја продолжат традицијата која не прави да бидеме горди Македонци.

Маршот започна од паркот „Јане Сандански“, каде градоначалникот Тимчо Муцунски им го предаде општинското знаме. Потоа, придружени со зурли и тапани коњаниците поминаа низ неколку главни булевари низ Аеродром и се упатија кон црквата „Св. Петар и Павле“ во Горно Лисиче каде што преноќија, а денеска на појадок застанаа во општина Петровец, каде традиционално ги пречека градоначаникот Борче Митевски.

Илинденскиот марш го започнале тројца коњаници од Горно Лисиче во 1978 година. Во 1998 година е обновен и од тогаш до сега, традиционално секоја година маршот започнува од црквата Св. Петар и Павле.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content