Вкупно 7.711.587 милиони евра им дала државата на само 19 побарувачи минатата година како поволни кредити за изградба на проекти за производство на струја од обновливи извори на енергија или енергетска ефикасност.
Ова е наведено во годишниот извештај на државната Развојна банка која во текот на минатата година доби од Министерството за финансии 10 милиони евра да обезбедува кредити под поволни услови за сите оние кои во текот на енергетската криза сакаа да изградат фотоцентрали или биогасни централи за производство на електрична енергија.
Станува збор за договор кој на 17 април минатата година беше склучен помеѓу Развојната банка и Министерството за финансии преку администрирање на кредитна линија од 10 милиони евра да им се помогне на најзасегнатите компании полесно да ја пребродат енергетската криза. Според податоците од Развојна банка за 2022, излегува дека во просек малубројните „избрани“ компании-апликанти добивале по 406.000 евра за да изградат енергетски објекти за свои потреби.
За оваа посебна кредитна линија Министерството за финансии лани одобри 10 милиони евра (610 милиони денари).за мали и средни претпријатија. За изградба на електрична централа до 49,2 милиони денари, државата во кредитирањето учествува до максимална сума од 29.520.000 денари, или до 60 отсто. Она што беше примамливо е дека каматата на кредитот што го одобруваше Развојна банка е 1,6 отсто годишно, а грејс-периодот пред отпочнување на враќање на ратите беше две години
Според Развојна банка, кредитната линија до последниот ден од минатата година била искористена во поголем дел од 90 отсто за производство на електрична енергија од обновливи извори, додека само 10 отсто за проекти од енергетска ефикасност.
– Во текот на 2022, РБСМ одигра значајна улога во справување со енергетската и ценовна криза со кои беа соочени домашните компании преку воведување на бескаматни кредитни линии и кредитни линии со поволни каматни стапки. Кај претпријатијата се наметна потреба од прилагодување во однос на потрошувачката на електрична енергија и тоа преку инвестиции за енергетска ефикасност и инвестиции во обновливи извори на енергија. Овие инвестиции треба да им обезбедат долгорочна заштеда во трошоците за енергенси, одржливост на пазарот како и заштита на животната средина, објави банката.
Вкупното „зелено финансирање“ на банката за 2022 изнесувало 15 милиони евра заедно со останатите кредитни линии.