Квалитетното образование клучно за економскиот раст

33

Образованието е пасош кон подобра иднината за младите, а кога нема ни образование, ни млади, нема ни успешна држава. Секојдневните истражувања се сè позагрижувачки, младите немаат доверба во образованието, во политичките партии, а дополнително се соочуваат со невработеност и нееднаков пристап до образование поради сиромаштијата.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во државава во академската 2020/2021 година се запишани вкупно 50 881 студент, што претставува намалување за 1,7 проценти во однос на академската 2019/2020 година. Бројот на запишани студенти изнесува 29 482 или 57,9 проценти.

Прва година на студии во академската 2020/2021 година, се запишале 12 365 студенти односно 24,3 проценти, а тука се опфатени и студентите што запишуваат прва година по втор, трет и повеќепати.

Во меѓувреме, универзитетот во Љубљана станува еден од најпосакуваните за младите од државава, а во оваа година брои најмногу студенти токму од Северна Македонија. Дури 800 македонски државјани оваа година ќе го надградуваат и развиваат своето знаење на универзитетот во Љубљана.

Деканот на универзитетот, пофесор Грегор Мајдич за МИА информира дека од вкупниот број студенти од Северна Македонија 454 се на додипломски студии, 305 на мастер и 41 спремаат докторат.

Добрите услови и бесплатното образование во Словенија главни фактори кои ги привлекуваат младите од државава

Се чини дека за дел од младите во земјава патот кон подобра иднина води кон Љубљана, а тоа е така затоа што покрај бесплатното образование младите добиваат и врвни услови.

-Нашата цел е да обезбедиме нашите студенти да ги користат знаењата и вештините што ги стекнале на најдобар можен начин. За време на нивните студии, студентите можат да учествуваат во различни проекти и да станат дел од разновидна меѓународна заедница на наставници и студенти. Учениците имаат субвенционирано храна и превоз и можат да вршат студентска работа. На почетокот на академската година, организираме ден за добредојде за странски студенти, каде што тие можат да добијат информации од прва рака за студирањето на Универзитетот во Љубљана. Обезбедуваме и тутори и разновидни активности за поддршка, како што се „Year Plus“ и курсеви по словенечки јазик, за да можат подобро да се приспособат на универзитетскиот живот и новата средина. Подготвивме и водич за добредојде за да го олесниме пристигнувањето на студентите во Словенија и почетокот на нивните студии, изјави професор Мајдич.

Додаде дека на студентите им се даваат можности да патуваат низ светот, да искусат нови култури, да стекнат вештини за подобрување на нивното CV и сепак да заработуваат кредити за нивната диплома.

Економскиот раст во државава има потреба од квалитетно образование

Без квалитетно образование нема ни развиена економија, вели професор Ванчо Узунов за МИА. Tој појаснува дека онаа држава која нуди квалитетно образование, ќе има и економски развој.

-Фактички, ние една работа која во Македонија треба да почнеме да ја сфаќаме е дека образованието е економски ресурс. Фактички човекот, луѓето се најбитниот ресурс, а образованието е оној процес што го прави тој ресурс поквалитетен и за земји како Македонија нема побитна работа во економска смисла од добро образование и добро здравство затоа што е битно, најбитниот ресурс тој човечки капитал што го викаме да биде што поквалитетен тоа е образованието и второ, што подолго да може да биде искористуван, изјави професор Узунов.

Според него, ниту еден друг фактор не може толку да придонесе колку што може образованието.

-Мислам дека е крајно време тоа да го сфатиме во Македонија не само да го зборуваме. Особено земји како Македонија, особено вакви мали, затворени, без излез на море, без некоја голема перспектива во кој било поглед друг, немаме ни нафта, ни дијаманти, ни гас, ни што било. Единствено имаме луѓе и тие луѓе треба да бидат што поквалитетни, што подобро квалификувани, образовани и што подолго да можат да работат, оцени Узунов.

Во однос на големата заинтересираност на младите за студирање надвор од границите на државава, професорот беше дециден дека тоа е многу лошо за економијата бидеjќи, како што рече тој економијата останува без најважниот ресурс.

-Видете, ако дојде до намалување на расположливиот кадар квалификуван, тоа е многу лошо за економијата, бидејќи рековме тој е најбитниот ресурс. Ако го нема, значи немаш од најбитниот ресурс, тоа е исто како на Русија да и пресекне, да и се исуши нафтата и гасот. Прво, за тоа како и зошто одат и во Словенија и во други држави. Словенија е најпогодна држава членка на ЕУ, нам ни е блиска, во регионот е, бесплатно образование, јас не знам зошто се 800, а не осум илјади. Јас да сум сега млад, никако не би се запишал во Македонија би отишол, а јас сум професор на факултет, така што мене воопшто не ме чуди, интересот за студирање во Словенија. Тоа само го става нашето образование во конкуренција и со регионот и со светот, ама пред се со регионот и ние треба да сфатиме дека ќе бегаат децата, појасни Узунов.

Нееднаквиот пристап до образованието е исто така проблем за социјално загрозените семејства, кој се провлекува со години. Северна Македонија како земја во развој, според Узунов треба да им овозможи пристап до високо обраозвание и на социјалните случаи.

-Стартната шанса треба да има секој, позицијата е еднаква за сите – кој има да плати може, кој нема ќе му плати државата. Колку ќе ја искористи шансата тоа е веќе поединечно. Не значи и исходот ќе биде кој завршил мора да биде вработен веднаш. Не, не, не. Шансата ти е дадена – работи ќе успееш, не работиш извини пријатно, живеј како социјален случај. Ама не однапред да ги закопаш социјалните случаи да останат трајно социјални случаи. Дај им шанса и при школување и при вработување. И тоа е логика, тоа е филозофија веќе 30 години во цел свет. Дај да ја прифатиме. Како ја прифаќаме а на крај пак не ја прифаќаме и се нешто друго, тоа е тоа, порача професорот.

Од Северна Македонија на Шангајската листа се најде само Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и тоа на 1.917 место со вкупно 66,1 поени. Минатата година УКИМ беше на 1.816 место, што значи дека бележи пад од дури 101 место. За министерот Јетон Шаќири овие подтоци не се загрижувачки, “ако земеме превид дека има универизтети во светот кои воопшто не се рангирани“.

Министерот за образвание во интервју за МИА кое во целост ќе објавено во текот на утрешниот ден потенцира дека искуствата од развиените земји треба да ги препишеме, а студените кои заминале да студираат во подобри услови да ги вратиме назад, со цел да дадат придонес во државата.

-Разликата е во тоа што тие што се запишуваат во подобрите универзитети гледаат добра можност, а секое нивно добро искуство треба да го искористиме ние како земја во наредниот период, порача министерот.

Го прашавме професорот Узунов дали нашата економија може да си дозволи да ги врати младите кои заминале да студираат во другите земји, тој рече дека е возможно, само доколку правилно се насочи трошењето на државните пари.

–Па сега имаме пари за се освен за нив? Значи, ќе нема да даваме на други работи, ќе даваме на тие луѓе ако е тоа развојот, ако се убедиме дека тоа е развојот. Не е прашање дали ние немаме или имаме. Ќе имаме ако не даваме на 300 други да не речам глупости. Тогаш ќе има сигурно. Така што второ, тие луѓе и да се отидени во Словенија, па и подалеку и да останат таму да работат не се изгубени за Македонија. Само Македонија треба да ги стави во својата шема. Само треба да им се даде шансата – ајде добро, кажете што работите, дај видете може ли со македонски фирми, со македонски други луѓе да работите и ќе повлечат напред. Мобилноста на работната сила денес е најнормална. Тоа би било многу лошо ако не беше така. Многу полошо ќе беше. Ние не треба тоа да го гледаме како хендикеп, ние сме научени лошо да гледаме на работите вие работите. Ова не е проблем, туку е шанса, само дај да видиме што треба да направиме за да ја искористиме шансата, подвлече Узунов.

Откако МИА ја отвори дискусијата за потребите од унапредување на стандардите на високото образование министерот за образование и наука Јетон Шаќири и претседателот на Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност проф. д-р Тодор Серафимовски во рамки на редовната комуникација и координација остварија нова работна средба на која се зборуваше за тековните активности кои двете институции ги преземаат за унапредување на квалитетот на високообразовната и научно-истражувачката дејност.

Како што соопшти Министерството за образование и наука, Шаќири и Серафимовски истакнале дека инклузивниот пристап е единствена и најдобра опција за обезбедување на континуитет на процесот за унапредување на академската едукација која им се нуди на граѓаните од страна на високообразовните установи во земјата и за проширување на можностите за истражување и научни проекти.

На средбата од страна на министерот беше потпишан и новиот Правилник за стандардите и постапката за надворешна евалуација и самоевалуација, кој на предлог на Националниот совет, го усвои МОН.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content