Туристичкиот сектор во Македонија бара формирање посебно министерство за туризам. Туризмот е потенцијален извор на приходи за нашата земја. Новата влада во својата програма најави реорганизација на министерствата, во која планира да го префрли туризмот од Министерството за економија во Министерството за култура, со што повторно кај туристичките работници заживеа идејата за формирање посебно министерство за туризам. Упатените во овој сектор велат дека доколку се формира министерство за туризам со компетентни луѓе, кои ќе се зафатат со решавање на проблемите во секторот, можеме да го искористиме овој потенцијал, пренесува Нова Македонија. Но, важно е да се управува соодветно, да се инвестира во маркетинг и да се поддржуваат локалните заедници. Оваа идеја се провлекува повеќе од две децении, но досега ниту една влада не прифатила да ја реализира преку формирање посебно министерство.
Туристичките работници велат дека новата влада треба да ги има предвид светските случувања, каде што туризмот се смета како еден од главните економски носители на растот на бруто-домашниот производ (БДП), пред да одлучи дали ќе формира посебно министерство или ќе го вметне во рамките на друго министерство, практика што не се покажа функционална во изминатиот период кога туризмот беше сектор во Министерството за економија. Тие се за посебно министерство, кое, според нив, би го подигнало туризмот на повисоко ниво не само за решавање на проблемите во секторот туку и за зголемување на рејтингот на земјата како туристичка дестинација и како држава, но и во однос на користењето пари од Европската Унија за туристички проекти.
Туристичките работници велат дека земјите што најмногу профитираат од туризмот имаат формирано министерства за туризам. Од регионот такви министерства имаат Хрватска, Србија, Црна Гора, Албанија, Бугарија и Грција.
Хрватска е одличен пример за тоа дека од туризмот може да се живее, поаѓајќи од фактот дека таму сега 20 отсто од БДП е од туризмот. И во минатото Хрватска се задолжувала со кредити, но само за да се изгради инфраструктура, автопатишта, мостови и слично. Не трошела кредити за исплата на плати и пензии, туку на капитални инвестиции. Со таа инфраструктура Хрватска дополнително ги засили приходите од туризмот бидејќи сега туристите многу побрзо и полесно можат да дојдат до морето. Бродоградбата, која порано беше главна транспортна индустрија во Хрватска, сега е на некои 2 отсто од БДП. Затоа Македонија треба да инвестира во инфраструктура, да ги одржуваме туристичките капацитети, за да може подоцна да имаме добивка од туризмот, од кој имаме одлични можности – езера, планини, зимски спортови, археолошки локалитети, вински туризам.
Според Дончо Нацев, сопственик на туристичката агенција „Арботравел“, идејата за формирање министерство за туризам се провлекува уште од крајот на 1990-тите, поведена од секторот туристички агенции и хотелиери. Тој споменува дека туристичката индустрија е главен економски двигател во многу земји и ги зголемува приходите на економијата, отвора илјадници работни места, ја развива инфраструктурата на една земја и го всадува чувството за културна размена меѓу странците и граѓаните, а наедно значаен е бројот на работни места создадени од туризмот во многу различни области.
Владата игра витална улога во туристичката индустрија. Тоа може да помогне да се промовира туризмот, да се развие инфраструктурата и да се заштити животната средина. Една од специфичните улоги што Владата може да ги игра во туристичката индустрија е да развие политики што го промовираат туризмот, како што се даночни олеснувања за инвеститорите во бизниси поврзани со туризмот или укинување на визите за туристи од одредени земји. Потоа Владата може да инвестира во туристичка инфраструктура, како што се аеродроми, патишта и хотели. Маркетингот исто така игра многу голема улога, промовирање на туризмот преку рекламирање, односи со јавноста и други маркетинг-кампањи. Владата може да ја регулира туристичката индустрија за да се осигури дека туристите се безбедни и дека животната средина е заштитена – укажува Нацев.