Компанијата Mondelez, која ги вклучува Cadbury и Toblerone меѓу своите брендови, изјави дека ќе мора да ги зголеми цените на своите чоколади поради инфлацијата на какаото.
И CoBank, американски заемодавец за агробизниси, предупреди во извештајот дека „дополнителни зголемувања на цените за чоколадните производи се веројатно во текот на годината“.
До почетокот на февруари, цените на какаото надминаа 5.000 долари за тон, што е највисоко од 1977 година, пред некои договори минатата недела да достигнат рекордно ниво – и над 8.400 долари, што значи дека цените се тројно зголемени од пред една деценија.
Најголем дел од какаото во светот се одгледува во Западна Африка, а Гана и Брегот на Слоновата Коска се двете водечки земји добавувачи.
Но, во последните три години, производството не ја задоволи побарувачката на пазарот, што предизвика зголемување на цените дури и пред неодамнешните бури, болестите на земјоделските култури и затворањето на фабриките дополнително да ја нарушат жетвата и работата на преработувачите на какао.
Меѓународната организација за какао (ICCO) на 29 февруари објави дека глобалниот дефицит на снабдување може да се зголеми на 374.000 тони во 2023-2024 година од веќе високите 74.000 тони во 2022-2023 година.
„Се очекува значителен пад на производството во земјите каде работат најголемите производители бидејќи се предвидува дека ќе ги почувствуваат штетните ефекти од неповолните временски услови и болестите на земјоделските култури“, се вели во соопштението на ICCO, при што веќе се очекува пад на понудата од 11 отсто оваа година. иако побарувачката е зголемена за 5 проценти.
На тоа се додава и зголемениот притисок врз цената на чоколадото, а тоа е поскапувањето на шеќерот. Глобалниот индекс на цените на Организацијата за храна и земјоделство покажа 12,5 отсто зголемување на годишно ниво во февруари, делумно поради падот на производството во Тајланд и ограничувањето на извозот од Индија.