По пишувањата на црногорските медиуми дека цените на сместувања се поскапи за 40 отсто за разлика од лани, лоши вести стигаат и од грчките хотели. Таму се предвидуваат повисоки цени за цели 50 до 80 отсто. Така доколку годинава се одлучите за патување во Грција, подгответе уште плус половина од сумата која сте ја планирале да ја понесете.
Грчките медиуми пишуваат дека годинава нивните и странските потенцијални туристи се соочуваат со драстично зголемени цени на хотелите за ова лето. Зголемувањето ќе биде во просек од 30% до 80%, во зависност од тоа кое време планирате да го посетите нашиот јужен сосед. Засега нема најави за големување на цените само на траектите.
Како причина за повисоките цени се наведува зголемената странска побарувачка за летување во Грција, во комбинација со инфлацијата и ограничената понуда на сместување. Карактеристично е што во некои случаи во популарните дестинации со особено ограничен потенцијал на сместување цените се зголемени и до 70%-80%.
Според грчките медиуми има и такви странски агенции кои и покрај договорите со грчките хотелиери по стара цена, најавуваат повисоки цени за туристите поради силната побарувачка. Според здружението на потрошувачи на Обединетото Кралство пакетот одмор во Грција, кој вклучува еднонеделен престој, ќе ги чини британските патници 30% повеќе оваа година во споредба со 2022 година.
Според американските туристички агенции кои спроведоа неодамнешни теренски истражувања, хотел со три ѕвезди во Грција во моментов чини во просек околу 85 долари за ноќ, хотел со четири ѕвезди околу 140 долари, а луксузен хотел во просек чини 325 долари за ноќевање.
Но, цените може да бидат и до 50% повисоки во јули и август. Прометот минатата година за грчките сезонски хотели, односно оние што се отвораат само во текот на летната сезона, е зголемен за 9,8% . Покрај тоа, хотелите во највисоките категории, 4 и 5 ѕвезди, забележаа зголемување на продажбата за 13,1% додека хотелите со најниска категорија, од 1 до 3 ѕвезди, забележаа намалување на продажбата од 22,3%, – покажа годишното истражување на Институтот за истражување и прогнозирање на туризмот (ITEP) на Хотелската комора на Грција (HCL).
Пазарните кругови проценуваат дека цените ќе се движат уште повисоко како што се приближува главната летна сезона, бидејќи пополнетоста за оваа сезона, врз основа на постоечките резервации, е веќе на историски високо ниво.