Фудбалерите ќе се обидат да направат сензација и да се пласираат на Светското првенство што ќе се игра во Катар, пишува „Топ спорт“.
„Горди сме што дојдовме и до овде, ова е голем успех за Македонија. Се наоѓаме во европскиот крем, верувам дека можеме да го направиме и овој последен исчекор. Свесни сме дека за противник го имаме европскиот првак Италија, тие ќе ја имаат поддршката и од публиката овде во Палермо, но јас верувам во квалитетите на нашите момци“, вели селекторот Благоја Милевски.
Да се победи Италија на гости е мало чудо, но Џани Алиоски вели дека во фудбалот сè е можно. Како поттик македонските фудбалери го имаат натпреварот од Дуисбург, кога ја победија Германија во квалификациите за СП со 1:2.
„Респект за Италија, тие се европски прваци и една од најсилните селекции на континентот. Одиграа одлично на ЕВРО 2020, но не значи и дека се непобедливи. Мора да бидеме мудри, да одиграме дисциплинирано, тактички речиси совршено и во таков случај, можеме да се надеваме на успех“, вели Алиоски.
Натпреварот меѓу Италија и Македонија се игра на стадионот „Ренцо Барбера“ во Палермо. Македонската репрезентација ќе ја бодрат околу 2.000 фанови кои од пред неколку дена се во Италија.