Засега, триесетина земјоделци од Кавадарци, Росоман, Неготино и Демир Капија, искажале заинтересираност за ваков вид земјоделско субвенционирање.
Во тек е аплицирањето за кофинансирање при набавка и поставување вакви системи за наводнување на земјоделските имоти. Се работи за Национална програма за рурален развој, изјави Драган Николов, советник во кавадаречката Подрачна единица на Агенцијата.
Раководителот на неготинската подрачна единица, Ѓорѓи Ајтов информираше дека на земјоделците на кои ќе им бидат прифатени апликациите, државата ќе им кофинансира педесет проценти од вредноста на опремата што ќе биде купена и инсталирана.
За земјоделци од 18 до 40 години, државното кофинансирање е поголемо и изнесува 55 отсто од инвестицијата, рече Ајтов и додаде дека со ова се стимулираат земјоделците да постават системи капка по капка во своите земјоделски имоти. Ајтов рече дека тоа ќе им олесни во наводнувањето и прихранувањето на земјоделските култури, но и ќе значи заштеда на вода за наводнување.
Николов и Ајтов нагласија дека рокот за аплицирање е до утре и ги повикаа сите заинтересирани да се пријават и да добијат ваков вид државна субвенција. Стручни лица од Агенцијата бесплатно им стојат на располагање за помош при апликацијата.