Инспекторите се на терен, цените во маркетите почнаа да се намалуваат

101

Дел од маркетите вчера почнаа да ги намалуваат цените на производите согласно одлуката на Владата за ограничување на бруто профитните маржи и за замрзнување на цените на дел од производите, што треба да важи до 30 април годинава. Истовремено инспектори на Државниот пазарен инспекторат започнаа контроли по маркетите дали се почитуваат одлуките на Владата за ограничување на маржите и за замрзнување на цените на прехранбените производи.

Согласно Законот за трговија и Законот за заштита на потрошувачите, глобите за непочитување на овие две одлуки се движат од 500 до 10.000 евра, а сите неправилности може да се пријават на 191 или на www.dpi.gov.mk.

По објавувањето на двете владини одлуки во „Службен весник“ вчера тие стапија во сила и ќе важат до 30 април. Согласно Одлуката за ограничување на бруто профитната маржа, се ограничува маржата на 102 групи на производи или над 1000 перехранбени и непрехранбени производи и тоа со 5 проценти бруто профитна маржа ќе бидат млекото, лебот, брашното тип 400 и тип 500, јајцата, маслото за јадење, јогуртот и киселото млеко, а со 10 проценти бруто профитна маржа месото и преработките од месо, шеќерот, млечните производи, маргаринот, путерот, конзервираниот зеленчук и овошје, гравот, оризот и тестенините. Со 15 проценти бруто маржа се ограничуваат 39 прехранбени производи и средства за хигена (свежо овошје и зеленчук, детергенти, бебешка храна, пелени, сапун, тоалетна хартија и друго)

Согласно Одлуката за утврдување на највисоките цени за одделни производи во трговија на големо и трговија на мало, утврдени се највисоки цени на осум групи основни прехранбени производи производи (млеко, леб, брашно,тип 400 и тип 500, јајца, масло за јадење, јогурт и кисело млеко) при што како највисока цена се утврдени цените што се применувале на 1 февруари годинава.

Трговците имаа обврска производите кои се опфатени со одлуките да ги обележат со натписот „Помалку трошоци, повеќе за тебе”.

Комисијата за заштита на конкуренцијата синоќа соопшти дека повела прекршочна постапка за ланци маркети кои се договарале за цени. Како што се наведува во соопштението, Комисијата за заштита на конкуренцијата во рамките на своите надлежности пропишани во Законот за заштита на конкуренцијата и Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи извршила ненајавен увид во четири трговски ланци и во една од стопанските комори во која се здружени истите.

– Увидот е извршен поради постоење на сомневање дека неколку ланци на маркети кои вршат трговија на мало со прехранбени и непрехранбени производи го прекршиле член 7 од Законот за заштита на конкуренцијата, кој забранува картели односно забранува договори и усогласено однесување на две или повеќе претпријатија, а се со цел нарушување на конкуренцијата. При контролата во службените простории на правните лица, извршен е увид во службената документација и направен е и увид во средствата за електронска комуникација при што се пронајдени докази дека истите донеле незаконита одлука која и јавно ја објавиле преку средствата за јавно информирање, се наведува во соопштението од Комисијата за заштита на конкуренцијата објавено на Фејсбук.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content