Проблемот со подмладокот на моликова шума посебно е актуелен во локалитетот Бегова чешма кој воедно е најпосетен од љубителите на природата, но истиот проблем не е помал ниту кај локациите Вртушка и Брајчино, на источната страна од планината Баба.
– Повеќе од 20 години работам на Катедрата за одгледување на шуми, а на Пелистер сум присутен од 2006 година. Добро ги познавам состојбите со моликовите шуми и посебно на локалитетот Бегова чешма. Тоа што се случува со моликата на планината Баба е нормално за стручната фела, бидејќи на сите стари шуми тоа еден ден им се случува. Тоа што треба да се прави континуирано е да се обезбедува подмладок. Проблемот на моликовата шума на Бегова чешма е во тоа што во овој локалитет има многу неблагопријатни услови за природна обнова на моликата бидејќи папратот пораснува и до три метри и прави голема густина поради која семето од молика што паѓа преку шишарките и кое треба да формира младо растение неможе да никне и порасне, а со самото тоа неможе да развие ново младо растение. Значи, потребно е контиуирано, на одредени делови да се коси и да се формираат подмладни јадра на избрани локалитети. Подмладините јадра значат создавање на природна обнова од молика на места каде што старите дрвја угинале, посочува универзитетскиот професор Николчо Велковски, вработен на Факултетот за шумарски науки и еко инженеринг при УКИМ-Скопје.
Професорот Велковски потсетува на студија од 2007 година во која се предлага да се формираат јадра за да не се случи тоа што денес се случува.
– Често пати сечењето на стари дрвја е лек и затоа заболени дрвја треба да се отстрануваат за да не ги заболат другите. Болестите на старите дрвја не се неочекувана појава. Важно е што моликата како редок вид неможе да се изгуби. Таа се издига високо на планината и до 2.400 метри надморска височина, и се шири низ планината, но треба да се превенира просторот кај старите шуми за што се потребни постепени мерки. Грижата и негата за природата не се прави од ден за ден, туку континуирано, вели Велковски.
Според хроничарите, името на врвот Пелистер се врзува и со легендата за пет-игличестиот бор, односно дека зборот петлистер е изведен од пет иглички и пет листа, па од таму низ зборот петлистер се доаѓа до името Пелистер. Петиглестиот бор, односно Молика прв го открил германскиот ботаничар и фитогеограф Аугуст Гризебах (1814-1879) за време на неговиот престој од 29 јуни до 21 јули 1839 година во нашата земја. Неговото откритие на пелистерскиот бор – молика, објавено на 2 јули 1839 година е суштинско за добивањето на статусот Национален Парк низ кој може да се забележат стебла постари од 230 години.
Физиолошката зрелост на моликовите стебла најзабележлива е на локалитетите Бегова чешма, Брајчино и Вртушка, посочува Зоран Пројковски, раководител на Помошно-техничкото одделение во Националниот парк „Пелистер“.
– На локалитетот Бегова чешма моликовите стеблата ја имаат достигнато физиолошката зрелост, тие се со црвена гнилеж и трулеж и затоа се најподложни на подвалување и кршење. Ваквата состојба претставува голем проблем од намножување на штетни инсекти и габи кои што од секундарни може да станат примарни штетници и да загрозат и поголеми моликови површини. Ние мора да спречиме заразување на моликата и оштетување. Стара моликова шума падна во локалитетот Бегова чешма, Брајчино и Вртушка, но приоритетни одгледувачки мерки треба да се преземат за локалитетот Бегова чешма како најпогоден. Старата моликова шума треба да се ревитализира со подигнување на одгледни површини. Бегова чешма е туристичка зона, секогаш била избегнувана од конкретни мерки и тоа сега се одразува на размерот на штетата кој е голем. Доколку се отворат поголеми површини за моликата како светлољубив растителен вид кој освојува чисти камењари затоа што се шири во горните и долните делови од националниот парк, тогаш моликата природно ќе се возобнови затоа што е плодна. Ние ќе ги оставиме најдобрите генетски стебла кои ќе продуцираат здрави стебла и тие би биле семењаци за природно возобновување на шумата, нагласува Пројковски.
Истражувајќи, дознаваме дека моликата (Pinus peuce) како доминантен вид во паркот содржи две моликови заедници, планински моликови шуми (Digitali viridiflorae – Pinetum peuces), кои се застапени на надморска височина од 900 до 1.600 метри, и суб-алпски моликови шуми (Gentiano luteae – Pinetum peuces) застапени на надморска височина од 1.500 до 2.100 метри. Моликовите шуми на Пелистер се исклучиво автохтони со значително зачувани природни карактеристики, но освен моликата, на планината Баба има горска и подгорска букова шума, а на североисточните падини на горниот дел од течението на Цапарска Река кон Горни Котари, карактеристична е застапеноста на ела која ги дополнува високите естетски вредности на Националниот парк „Пелистер“ за чија заштита се грижи истоимената јавна установа.
– Решението на секој проблем почнува со правилно информирање на јавноста, без да се потиснува и без да се крие. Сакаме да почнеме процес на зачувување на најкомпактната моликова шума во регионот за што потребни се краткорочни и долгорочни мерки. Бегова чешма е наш фокус, но со исто внимание сме посветени на цел национален парк. За долгорочните мерки е потребна стручна поддршка која ние ќе ја преточиме во сет мерки. Воведувањето шумски ред е примарна функција, но за долгорочните мерки е потребна посебна програма со фази и финансиски средства. Проблемите не треба да се потиснуваат и за тоа потребна е медиумска поддршка. Пелистер е наш симбол на обединување, нагласува Иванчо Тошевски, директор на Националниот парк „Пелистер“.
Љубителите на планината уверени се дека двете растителни заедници „ќе се сложат“, папратот да расте во својата зона, а моликата со својот подмладок да продолжи да освојува голи површини, камењари и други предели на планината Баба.