Изложбата „Видување“ од прилепската уметница Анита Јовеска Сот. во петок во ликовната галерија на ЦК “Марко Цепенков”
На 27.09.2024 /петок/ од 19.00 часот во ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „Видување“ од Анита Јовеска Сот.
Податоци
за Анита Јовеска Сот
БИОГРАФИЈА
Родена е 1986 година во Прилеп. Во својот роден град завршила основно и средно образование- гимназија. Дипломирала на Националната ликовна академија во Софија, Бугарија,2008год.,отсек- Плакат и визуелни комуникации.
Денес живее во Македонија, работејќи како професор по ликовна уметност.
Како академски сликар, Анита Сот сопствените дела ги изработува во mixed media, односно мешани медиуми, вклучувајќи многу матријали . Трагајќи по свој сопствен ликовен јазик и идентитет, таа често истражува во доменот на различните сликарски техники. Има изложувано на повеќе самостојни и групни изложби во Македонија и во Бугарија.
Изложби
Учествувала во повеќе групни изложби во Софија, Прилеп,Скопје, Битола и други, како и
на неколку ликовни колонии во земјава и пошироко.
Самостојни изложби:
2022- Самостојна изложба Encounter,Повторна средба,Прилеп и Кавадарци
2018,Прилеп-изложба “Everglow”,
2008, Софија; изложба на плакати на тема „Театрален плакат според Шекспир“, Галерија
„Академија“.
2010 година – „Годишна изложба на ДЛУП Прилеп 2010“
2011 година – „Годишна изложба на ДЛУП Прилеп 2011“
2012 година – „Годишна изложба на ДЛУП Прилеп 2012“
2013 година – „Годишна изложба на ДЛУП Прилеп 2013“
2014 година – „Годишна изложба на ДЛУП Прилеп 2014“
2014 година – „Годишна изложба на ДЛУБ Битола 2014“
2015 година – „Годишна изложба на ДЛУП Прилеп 2015“
2016 година – „Годишна изложба на ДЛУП Прилеп 2016“
2017 година – „Годишна изложба на ДЛУП Прилеп 2017“
2018 година „Традицијата е код, традицијата е течение“
2022 година – „Годишна изложба на ДЛУП Прилеп 2022“
2023 година-Групна изложба,”Под нулата”, Прилеп
2023 година- Меѓународна ликовна колонија,Михајлово,Кавадарци
„ВИДУВАЊЕ“
Самостојна изложба на академската уметничка Анита Јовеска
„Секој портрет насликан со чувство е портрет на уметникот, не на тој што позира. Портретираниот е само случајност, прилика. Тој не е оној што сликарот го разоткрива; сликарот е тој што се разоткрива себеси на обоеното платно.”
― Оскар Вајлд, Сликата на Доријан Греј
Обликувајќи ги комплексните форми креирани со помош на динамични контурни линии и интензивни вибрантни бои академската уметничка Анита Јовеска со впечатлива експресија визуелно ги изразува личните индивидуални внатрешни импресии врз лицата на портретираните ликови. Преку внимателно селектирани хроматски и ахроматски скали авторката визуелно манифестира таинствени колоритни амбиенти со сензитивна изразна величина. Врз јадрите и доминантни ликови се рефлектираат длабоки лични и супстанцијални чувствени пулсирања. Портретот за уметничката претставува можност за пронаоѓање начини за инвентивна и автентична манифестација на неговите физички и емотивни својства, со комбинирање и слободна креативна игра на разновидни ликовни елементи. Во колоритната експресивна изразност на портретите се одразуваат разнообразни сензации. Покрај емотивната величина која се пронижува во експресијата на ликот и поставеноста на рацете на портретираниот модел, Јовеска особено посветува внимание и на квалитетот на ликовните елементи. Во раскошните експресивни композиции, таа умешно ја обликува формата со примена на силни колоритни топло-студени и комплементарни контрасти за одразување на моќна чувствена изразност и драматичност, и со употреба на контраст на линиите за создавање на динамична вибрантна ликовна содржина. Јовеска во сопствените лирични, автентични и драматични креации, го создава единството во композицијата по пат на доминанта, поставувајќи акцент на емотивната експресија на портретот. Илустрираните зборови и изрази, досетливо проткаени низ многуслојните и прозрачни површини креираат богат симболичен поттекст. Во изразите на туѓите погледи таа ги видува сопствените индивидуални особини, односно се открива себеси. Длабоките емотивни впечатоци, вгнездени во имагинацијата и генијалноста на авторката се разоткриваат врз сликарското платно, придобивајќи своја визуелна самостојност и изразит идентитет преку насликаните ликови на портретираните модели. Восхитувачките портрети на Јовеска одразуваат исклучителен визуелен ансамбл извезен со лиричен сликарски сензибилитет и облагороден со личните индивидуални чувства на авторката.
Автор на текст: м-р Викторија Димеска, историчар на уметност