Изведени видеозаписи со времето на пристигнување на полицајците пред „Пулс“ и активацијата на пиротехниката
Видеозаписи, од кои се нотираат времето на пристигнување на полициските службеници пред дискотеката „Пулс“ и активацијата на пиротехниката, беа изведени денеска во материјалните докази од Обвинителството во рамките на судскиот процес во Основниот кривичен суд Скопје против 13 полициски службеници. Тие се товарат за тешки дела против општата сигурност, поврзани со пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во Кочани, во кој на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Судењето продолжува на 8 јули со сослушување сведоци предложени од Обвинителството.
Пред судот денеска беа изведени повеќе видеоснимки, вешт наод и мислење за градежниот материјал во дискотеката и какви хемиски реакции предизвикал, како и анализа на типот на пиротехниката што е употребена, и изводи и анализа на комуникација доставена од мобилните оператори.
Првото видео се однесува на видео од безбедносна камера од моментот кога полициските службеници пристигнуваат пред дискотеката и се упатуваат кон влезот на објектот во 2 часот и 22 минути на 16 март 2025 година.
Потоа беа презентирани видеозаписи, кои се однесува на внатрешноста на дискотеката, атмосферата и бината за време на настапот на групата ДНК кога се активира пиротехниката. Обвинителството презентира и фотографија, од која се нотира дека времето на активација на пиротехниката е 2 часот и 32 минути.
Одбраната реагира дека од видеата не може точно да се утврди времето на влез на полициските службеници во дискотеката и моментот на активирање на пиротехниката, што, како што нагласија, е особено важно за обвинението.
Бранителот на обвинетата Марија Маневска укажа дека од анализата на мобилната комуникација е утврдено дека не постои никаква инкриминирачка комуникација, а намерно или не, ја нема комуникацијата на Марија Маневска од 14 март 2025 година со нејзините претпоставени, од која, како што посочија, ќе може да се утврди дека тие биле запознаени со акцискиот план.
Претходно денеска, пред судот беше изведен писмен извештај од Институтот за судска медицина за извршена обдукција на жртвите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година. Ова е истиот извештај што веќе беше презентиран на главниот предмет за пожарот што се води во судницата во „Идризово“.
Според извештајот, смртта на сите 59 жртви е насилна и во најголем дел настапила како резултат од труење со јаглероден моноксид.
