Политичките партии и независните кандидати веќе ги најавија своите активности во кампањата иако најголем дел од кандидатите за градоначалници и советници во изминатите месеци веќе имаа неформални средби со граѓаните и претставување на своите програми на социјални мрежи.
Најголемите партии и коалиции кампањата ја почнуваат речиси традиционално од истите градови.
Централниот настан на караванот „Најдоброто за твојата општина” предводен од СДСМ е закажан во Битола, а претходно караванот ќе биде со граѓаните на Демир Хисар. Во вторник караванот е во скопските општини Чаир и Кисела Вода по што ќе следува предизборна конвенција на кандидатот за градоначалник и листата за советници за Град Скопје. Караванот своите активности ги завршува на 15 октомври со голем граѓански настан во Куманово.
ВМРО-ДПМНЕ кампањата за локалните избори ќе ја води под слоганот „Создади нова иднина”, а ја почнува со собир во Античкиот театар во Охрид, а во текот на денот претставување на програмата во Скопје ќе има кандидатката за градоначалник на Скопје Данела Арсовска, која е поддржана од опозициската партија.
ДУИ најави дека кампањата ќе ја почне и ќе ја заврши во Гостивар.
Беса изборната кампања ќе ја започне вечер во Скопје со собир на отворено пред салата „Борис Трајковски”.
ДИК, претходно, потврди 300 листи за градоначалници и 576 за советници. Распоредот на кандидатите на гласачкото ливче со жрепка беше утврден на седница на ДИК. Партиите настапуваат самостојно или во коалиции во зависност од општините и постигнатите меѓусебни договори. Од поголемите партии, на Единствената листа на кандидати, Демократската унија за интеграција е под број 3, Алијанса за Албанците под број 5, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија” под број 7, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија под број 9, Алтернатива под број 10, Демократската партија на Албанците под број 11, БЕСА под број 16…. На листата се наоѓаат и помали партии, коалиции, а има и голем дел независни кандидати. ДИК веќе го утврди и изгледот на избирачкото ливче за локалните избори.
Народниот правобранител ги потсетува граѓаните дека во неговата канцеларија функционира бесплатна телефонска линија 0800 54321, на којашто граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на нивните права, како за време на одржување на изборната кампања, така и на деновите на одржување на првиот и вториот круг од Локалните избори 2021 (17 и 31 октомври 2021).
По пријавите на граѓаните ќе се постапува веднаш, а сите поплаки кои ќе стигнуваат по завршување на работното време, по 16 часот, ќе бидат снимени, се посочува во соопштението од Народниот правобранител. Исто така, за пријавување на повреди граѓаните можат да се обратат и во шесте подрачни канцеларии секој работен ден.