Временските интервали на забраната за тешки товарни возила се: петок од 17 до 22 часот, сабота од 9 до 18 часот и недела од 9 до 22 часот.
Како што соопшти Автомотосојузот на Македонија, во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерството зa здравство, забранaта ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11 до 17 часот.
Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување проекти на државните патишта со Јавното претпријатие за државни патишта.
Од денеска почнува и примена на привремениот режим на сообраќај во летниот период, од 1 јули до 1 септември, на магистралниот пат А2 делница: Скопје – Охрид – Скопје со кој се забранува движење на тешки товарни возила чија вкупна маса преминува 7,5 тони за време на викендите.
Временските интервали на забраната за движење се: петок од 15 до 22 часот, сабота од 7 до 12 и од 18 до 24 часот и недела од 7 до 22 часот.
– Овој посебен режим на сообраќај се воведува во текот на летото со цел избегнување на застојот во сообраќајот на патната делница кон најпосетуваното туристичко место во земјава, намалување на застоите на пунктовите за наплата на патна такса и воопшто побрз проток на возилата и непречено движење на туристите. Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат живи животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, наведува Автомотосојузот во известувањето.
АМСМ информира дека сообраќајот на државните патишта утрово се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.