Ќе се охрабри ли јавното обвинителство да се пресмета со криминалот кој го прават членови и функционери на ДУИ злоупотребувајќи ги своите позиции и институциите?
Лица од врвот на ДУИ се вмешани во голем скандал при увоз на луксузни возила со фалсификување исправи, компјутерски фалсификат, прикривање стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама, со што е оштетен буџетот на Република Македонија за стотици милиони, дознава Вечер.мк од извори во царината.
Станува збор за фирмата СА, позади која стои Суад Алија, сопственикот на продавници за покуќнина Homax, кој во соработка со двајца цариници Менсур Цури и Бесник Османи, со фалсификување исправи, компјутерски фалсификат, прикривање стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама имаат направено увоз на стотици луксузни автомобили.
Како оди шемата?
Извори од царината, за Вечер.мк го објаснуваат процесот во кој мора да има увозник, мора да има цариници, но мора да има и полицајци.
При увоз на големи, луксузни возила, увозникот (компанијата СА) контактира со лицето за контакт од царината (Менсур Цури и Бесник Османи) за да се договорат да се пресмета пониска царинска и даночна стапка од каталошката вредност на автомобилот.
Царинскиот службеник, наместо да се повика на каталошката проценка од европскиот систем, при царинењето наведува дека за такво возило нема референтна класификација и пристапува на царинење засновано на фактура.
Таа фактура што ја прифаќа во договор со увозникот (компанијата СА) е фалсификувана за видно помал износ. Наместо плаќањето да се врши банкарски, се фалсификува документ дека автомобилот е платен во готово или се фалсификува и друга платежна трансакција.
Цариникот ги прифаќа документите и го царини возилото со видно пониска цена со што го оштетува буџетот на Република Македонија.
Оваа шема се применува на поскапи, луксузни возила каде разликата во царините е поголема и се движи од 10.000 до 30.000 евра по возило.
На пример, ако треба да се плати царина од 30.000 евра, тие се договараат да се платат 5.000 евра на име данок и царина при увоз, а остатокот го делат.
Луксузните возила се увезени од СА компани, а потоа се препродаваат на пазарот.
Шемата е развиена од лицата цариници Менсур Цури и Бесник Османи, кои се блиски до управата на царина, каде сеуште директор е Стефан Богоев од СДСМ.
Во декември лани беше разбиен уште еден канал за криумчарење луксузни автомобили
Основното јавно обвинителство во Скопје во декември 2023 соопшти дека поднело обвинение против 18 физички и едно правно лице за криумчарење на луксузни возила со проценета вкупна вредност од над половина милион евра. Кривичните дела за кои се обвинети вклучуваат фалсификување исправи, компјутерски фалсификат, прикривање стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама, спречување докажување и злоупотреба на лични податоци.
Според обвинението, во периодот од август 2020 година до април 2022 година, обвинетите вршеле пренос преку царинска линија на непријавени стоки, односно на луксузни автомобили. Тие ја избегнувале царинската контрола и фалсификувале службени исправи. Потоа ги сокривале возилата и меѓусебно ги препродавале по неколкупати во краток временски период.