За 100-тина е намален бројот на запишани првачиња во новата учебна година во 10-те основни училишта во Прилеп. Пред стартот на новата учебна година петте средни и десетте основни прилепски училишта се подготвени, ама наставнитците и учениците ќе се снаоѓаат како знаат и умеат без сите учебници.
Едно од основните училишта во центарот на градот во просек запиша по 12 деца во одделение. За шест месеци во претходната учебна година родителите отпишаа 300 ученици и заминаа од државава. Во училиштата не се изненадени и за годинава.
Во оваа учебна година првпат ќе зачекорат околу 700 ученици во прво одделение од предвидените околу 800 во единаесетте основни училишта, вклучувајќи го и музичкото училиште. Во прва година од средното образование, во петте средни училишта се запишуваат околу 730 ученици. Трендот на намалување на учениците продолжува и во оваа учебна година. Со воспитно образовниот процес од предвидените околу 800 ќе започнат 700 ученици. Имаме намалување од 100-тина ученици што е алармантно и нешто што се случува со години. Ситуацијата родителите да ги отпишуваат децата и да заминат во странство се случува во сите степени на образовниот процес од прво одделение до четврта година во средното образование. Тој тренд продолжува. За шест месеци од училишните клупи се отпишани околу 300 ученици што треба да не загрижи и да го вклучи алармот кај сите за да се преземе нешто, и кај институциите и кај сите нас како поединци, ни изјави Гоце Бумбароски наставник и советник за млади при прилепската локална самоуправа.
Ланската практика на скрипти и интернет-истражувања ќе се повтори во новата учебна година што долгорочно се одразува на квалитетот на школството и образованието кај младите. Наставниците се чудат кој крај да го фатат. Некаде стигнале некои учебници, но недоволно.
Поучени од минатогодишното искуство кога недостигаа голем дел учебници, претпоставка е дека и оваа година ќе ни се случи да немаме учебници, или, можеби да добиеме материјали за работа, во еден учебник спакувани неколку учебници само за првото тримесечие, па повторно да доаѓаат ученници, пак ќе се снаоѓаме. Не знаеме како и кога ќе стигнат учебниците, ниту кои теми и содржини се опфатени во нив, а нашите годишни програми се веќе доставени до службите во училиштата. Навистина е сето неизвесно, а тоа влијае на целиот образовен процес и на општеството и треба да се запрашаме што се случува, вели Бумбароски.
Новата учебна година отвори повеќе прашања отколку што понуди одговори и за преку 10 000 основци и средношколци во Прилеп.