За Извештајот за Македонија за 2025 година, гласаа 411 европратеници, а 120 беа против и 120 воздржани.
Европарламентот останува на ставот дека Македонија треба да ги исполни преземените обврски поврзани со уставните измени и дека наредната меѓувладина конференција ќе може да се одржи по спроведувањето измените во Уставот.
Со амандманот 3 Вајц бараше бришење на ставот 73, со кој се повикува заедничкиот мултидисциплинарен експертски комитет за историски и образовни прашања да постигне јасни и опипливи резултати, врз основа на објективни, автентични и докажани историски извори и документи, во согласност со Вториот протокол. Во текстот останува и формулацијата за заедничка историја.
Во документот се истакнува стратегиското значење на Коридорот 8 за регионалната поврзаност и економскиот развој. Истовремено, се дава поддршка за изградбата на прекуграничниот железнички тунел меѓу Македонија и Бугарија како важен инфраструктурен проект. Извештајот ја нагласува и потребата од целосно и доследно спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права, што се оценува како значаен дел од обврските на земјата во процесот на приближување кон Европската Унија.
За измените на Кривичниот законик во извештајот се оценува дека создаваат перцепција на неказнивост за висока корупција, како и недоволниот број правосилни пресуди во случаи на корупција на високо ниво. Документот предупредува и на обиди за манипулација на јавниот дискурс и ширење антиевропски наративи, вклучително и преку странско влијание во медиумскиот простор.
„И покрај некои позитивни реформски чекори, напредокот во реформската агенда поврзана со ЕУ, особено во клучните области како што се владеењето на правото, реформата на правосудството и борбата против корупцијата, останува недоволен. Ова се должи на изборната кампања, ограничените капацитети во јавната администрација и недостигот од континуирана политичка посветеност“, наведува Вајц во образложението на извештајот.
Во извештајот (став 71) се изразува жалење за уништувањето и фалсификувањето бугарски натписи и се нагласува потребата од отворање на архивите на поранешните југословенски тајни служби УДБА и КОС, кои се чуваат во Македонија и Србија.
Во Извештајот се алармира за координирани обиди за манипулација на јавниот дискурс и ширење на анти‑европски наративи, вклучително и преку странско влијание во медиумскиот простор. Критики има и во делот на човековите права, за состојбата со лицата со попреченост и ЛГБТИК+ заедницата, како и за недоволниот напредок во заштитата на животната средина, особено во борбата против загадувањето на воздухот. Европскиот парламент заклучува дека без суштински реформи и јасна политичка посветеност, напредокот на Македонија кон ЕУ ќе остане ограничен.
Европратениците ја потврдија поддршката за европската интеграција на земјите од регионот, а како најуспешни во процесот на пристапување се посочени Црна Гора и Албанија, додека за другите земји се нотирани предизвиците што сè уште стојат на патот кон членството.
Вајц оцени дека крајната цел на ЕУ треба да биде полноправно членство на сите шест земји од Западен Балкан и дека по Црна Гора и Албанија, следна земја што треба да напредува во процесот е Македонија. „Мора да го наградуваме напредокот во регионот за да ја одржиме мотивацијата, особено во Северна Македонија“, изјави Вајц нагласувајќи дека за продолжување на реформите е потребна соработка меѓу власта и опозицијата.
