Очигледно е дека зачестија регистрации на здруженија со бугарска самосвест кои носат називи на докажани соработници на нацистичка Германија. Тоа е свесна провокација и навреда за Еврејската заедница, навреда за македонската држaва и за нејзините граѓани… или некој можеби мисли поинаку, дека на овој начин, со промоција и величење на фашизмот и нацизмот, се зајакнуваат добрососедските односи, се вели во реакцијата на Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.
„Името цар Борис III е поврзано со прогонот и уништувањето на Евреите од окупираните територии од страна на фашистичка Бугарија за време на Втората светска војна. Да потсетиме, цар Борис III и владата на Царска Бугарија се директни виновници за депортацијата на повеќе од 11.300 Евреи од окупираните територии во Македонија, Грција и Србија, од кои 7.144 се Евреи од Македонија, во центарот за убивање Треблика, во окупирана Полска. Цар Борис III на 21 јануари 1941 година го потпишува антиеврејскиот Закон за заштита на нацијата, ја презема паролата на нацистичка Германија ‘Eден цар, еден народ, една држава’ и е докажан заговорник за спроведување на таканараченото ‘конечно решение на еврејското прашање’.
Ова е еклатантен пример на негирање и искривоколчување на холокаустот, на исмевање и навреда за Евреите.
На 18 април во нашата реакција за отворањето на културниот клуб ‘Ванчо Михајлов’ во Битола повикавме ‘да се поведе постапка околу правната издржаност културни и други центри, граѓански здруженија и сл. да носат имиња на потврдени фашисти и докажани соработници на нацистите’.
Што треба да очекуваме да се случи следно? Регистрација на здруженија што го носат името на Александар Белев – комесар за еврејски прашања, Петар Габровски – министер за внатрешни работи и јавно здравје, Богдан Филов – премиер на Царска Бугарија, или можеби на Адолф Хитлер?
Несфатлива е рамнодушноста на надлежните органи во прилики кога одредени поединци на најгруб начин ја искривуваат историјата и газат по достоинството на Евреите и на сите граѓани на Северна Македонија.
Кои се тие лојални граѓани на Северна Македонија кои сеат омраза и глорифицираат антисемити, фашисти и нацисти основајќи вакви и слични ‘културни здруженија’?
Почитувани претставници на Владата, до каде е спроведувањето на двете заложби на државата преземени во Малме на Меѓународниот форум за сеќавање на холокаустот и борбата против антисемитизмот ‘Remember – React’, 12-14.10.2021 годina, а поврзани со заклучоците на Владата на Македонија од 14 септември 2021 година: 1. проширување на наставната програма за борба против антисемитизмот и негирање на холокаустот за учениците од 8. и 9. одделение; 2. задолжителна посета на Меморијалниот центар на холокаустот за учениците од основното и од средното образование?
Тоа е вистинскиот пат и начин како да се сузбие говорот на омраза и да се оневозможи искривување на историјата.
Нашата држава може и мора да застане на патот на сè позачестените појави на регистрирање вакви здруженија, кои со своите провокации и навреди шират говор на омраза и остануваат неказнети под превезот на слобода на говорот или добрососедство. Тоа е класичен пример за искривување на историските факти и величење на фашизмот и нацизмот. Чин што не е во духот на мултикултурализмот во нашата држава и не е во духот на добрососедските односи меѓу Северна Македонија и Бугарија“, се вели во соопштението.