Евакуиран авионот на Шолц на аеродромот во Израел поради ракетните напади

35

Авионот на германскиот канцелар Олаф Шолц вчера морал да биде евакуиран на аеродромот Бен Гурион во Израел поради ракетни напади.

Сликите и видеата објавени на социјалните мрежи покажаа дека помошниците и новинарите кои патуваат со германскиот лидер мораа да се симнат од авионот и да се засолнат лежејќи на пистата, додека Шолц, наводно, бил евакуиран во засолниште.

„Лично видов експлозии на небото кога израелската железна купола (систем за противвоздушна одбрана) пресретна две ракети“, напиша на Твитер Робин Александар, заменик-главен уредник на германскиот весник „Велт“.

Шолц и оние што летале со него се качиле во авионот неколку минути подоцна, по дополнителна безбедносна проверка, пишува Билд.

Германскиот канцелар го посети Израел во вторникот за да ја изрази својата солидарност со земјата по бруталниот терористички напад на Хамас и да ги деескалира тензиите во регионот, како и да ја подобри хуманитарната помош за палестинските цивили во Газа.

Евакуацијата на неговиот авион се случи токму во моментот кога Шолц планирал да полета за Каиро, каде што денеска треба да се сретне со египетскиот претседател Абдел Фатах Ел Сиси.

Во вторникот вечерта, голема експлозија погоди болница во градот Газа, при што загинаа повеќе од 500 Палестинци, според палестинското Министерство за здравство, управувано од Хамас. Хамас и Израел меѓусебно се обвинуваат за нападот.

Претходно во вторникот вечерта, Шолц упати предупредување до Иран и Хезболах да не се мешаат во конфликтот меѓу Израел и Хамас. „Тоа би била тешка, непростлива грешка“, рече Шолц за време на прес-конференцијата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Тел Авив. Шолц нагласи и дека безбедноста на Израел е составен дел на германската државна политика и дека земјата има право да се брани од Хамас.

Но, Шолц, исто така, го предупреди Нетанјаху дека неговата војска мора да го почитува меѓународното хуманитарно право во одговорот на нападот на Хамас.

„Германија и Израел ги обединува фактот дека се демократски уставни држави. Нашите постапки се засноваат на законот и редот, дури и во екстремни ситуации“, изјави германскиот канцелар за новинарите. Тој рече дека разговарал со Нетанјаху „за начините да се добие хуманитарна помош за луѓето во Газа што е можно побрзо“.

Израелскиот премиер го потсети германскиот лидер на нацистичките масакри како оние во Баби Јар во Украина во 1941 година. Неодамнешниот крвав напад на Хамас, рече Нетанјаху, беше „најлошото злосторство против Евреите од Холокаустот“.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content