Државна лотарија троши милиони евра за кирии на фирми блиски до ДУИ

41

Прав од градежни работи, подготвен, но се уште не ставен натпис кој со ознаката повикува на среќа и богатство, поглед на булевар, во центар на Скопје и на стотина метри од Соборниот храм. Ново казино се подготвува, а натписите јасно укажуваат дека објектот ќе биде на Државна Лотарија.

Државна Лотарија е во државна сопственост, но однесувањето и расфрлањето со државни пари асоцира на исполнување на приватни интереси. Се наоѓа во зградата на МТВ.

За лани нема прецизни податоци колку граѓани заработиле од игрите на среќа на Државна Лотарија, но профитот е познат, изнесувал над 475 милиони денари односно над 7 и пол милиони евра.

Директор на компанијата која е акционерско друштво со еден акционер, Републиката, е роден во 1993-та година, а 30-тиот роденден го прославил на директорска позиција.

Се вика Перпарим Бајрами, од Куманово, а во неговата биографија се наведени повеќе позиции и ангажмани во државната администрација, но и едно вработување во приватен сектор. Работел и во Собрание и во Министерството за политички систем и сега ја води Лотарија.

Со негов потпис се реализирани повеќе договори за изнајмување на објекти, а кога ги регистриравме градежните работи во центарот на Скопје утврдивме една сериозна конекција. Политичко-тендерска.

Во објектот на булевар Свети Климент Охридски број 52 на приземје со години се наоѓаше деловен простор кој се изнајмуваше. Овие снимки се од лани кога КОД истражуваше за врската преку која луѓе од Венецуела се обиделе да исперат 110 милиони евра преку банка во Македонија. Венецуеланците се исслени со нивните фирми од првиот кат, а под нивните канцеларии тогаш стоело се изнајмува.

Сега натписот е скратен. Внатре се подготвува ново казино, а зградата во центарот веќе е брендирана. Има интензивни градежни работи, внатре се ставени нови апарати, повиците за потрага по среќа се донесени. Но кога едно утро го посетивме местото немаше никој. Испративме прашања до Лотарија, за тоа чиј објект изнајмиле во центарот на Скопје, за колку пари, за колку време и како.

Но, од жители и кираџии во зградата ни беше шепнато дека дуќанот пред неколку години бил купен од некој политичар и функционер.

Државна лотарија кираџија на Еуровиа-донаторот на ДУИ

Главната трага стигна од базата на податоци на Катастарот. Во еден имотен лист стоеше познато име. Еуровиа, фирма која е изведувач на градежните работи за самитот на ОБСЕ, тендер добиен во МНР раководено од Бујар Османи од ДУИ. Дополнително Еуровиа лани била најголемиот донатор токму на ДУИ, а иако беа  прекршил законите со недозволено политичко финансирање, ниту партијата, ниту фирмата ниту сопственикот не се казнети или процесуирани. Но, во дата базата на катастар не можеше да се најде точен податок дали објектот на Евровиа и е издаден на Лотарија. Дополнителна потврда дека во зградата, Еуровиа има деловен простор стои и во нивната влошка, уште во 2017-та година истиот имот е даван како залог за кредит во банка.

Сепак конечната потврда стигна од самата Еуровиа. На нивниот сајт стои дека во зградата издаваат два деловни простор, еден од 95 квадрати во приземје, и поголемиот од 139 квадрати во подрум.

Но кога се јавивме таму, ни кажаа дека дуќанот од 95 квадрати е издаден на Лотарија.

Еуровиа и сопственикот Адеми лани донирале пари на ДУИ и биле најголеми донатори, а откако се прочу дека ги прекршиле законите, партијата од Мала Речица во јуни оваа година вратила дел од парите, но не сите. Туку само она што е над законскиот максимум за донација од лице или фирма. А Еуровиа веќе вршела неколку јавни работи на тендери. Што исклучува секаква законска можност таа компанија да биде донатор на партија, за што во обвинителско-судската пракса веќе имаме сличен случај со Белата Палата на ВМРО-ДПМНЕ. Но, од ДУИ засега никој не е јавно осомничен, а уште помалку обвинет за донацијата на Еуровиа.

Еуровиа оваа година до август има добиено веќе три големи тендери, покрај од МНР за самитот на ОБСЕ и од МВР раководено од Оливер Спасовски од СДСМ и од Државни патишта раководени од Ејуп Рустеми од ДУИ.  Пред крајот на годината има нова добивка, без тендер, на оглас, и тоа директно од Државна Лотарија, раководена од Перпарим Бајрами од ДУИ.

Според сознанијата за Телма, за овој простор од 95 квадрати, Лотарија наредните 5 години ќе плаќа по околу 3.500 евра месечно кирија. Или вкупно за зделката, ланскиот рекорден донатор на ДУИ, Еуровиа ќе добие 210 илјади евра.

Вакви зделки, кога како близок на партиски функционер или на партија на влас, изнајмуваш деловен простор на државата или од неа не се непознати во македонската пракса. Големи кирии, сигурни исплати од буџетот постојано, профит без напор. Но, поради законски дупки, не може ниту да се санкционираат, ни објаснува Слаѓана Тасева, од Транспаренси Интернешнл- Македонија.

„ОТВАРААТ НОВИ ОБЈЕКТИ. ЗБОРУВАМЕ ЗА ТИПОЛОГИЈАТА НА ПЕРЕЊЕ ПАРИ ВО СФЕРАТА НА ИЗНАЈМУВАЊЕ НА ПРОСТОР, ГРАДЕЊЕ НА ПРОСТОРИ КОИ ПОНАТАМУ СЕ КОРИСТАТ ЗА КАЗИНА И ТУКА МОЖЕ ДА ДОЈДЕ ДО СИТУАЦИЈА НА НЕСООДВЕТНО ФАКТУРИРАЊЕ ИЛИ ИЗДАВАЊЕ ВНАТРЕ ВО ЕДЕН ЗАТВОРЕН КРУГ НА ЛИЦА, КАДЕ ШТО ЌЕ СЕ ПОЈАВУВААТ ПАРИ КАКО ПАРИ ЗА ИЗНАЈМУВАЊЕ КОИ МОЖЕ ДА БИДАТ НЕКОИ СРЕДСТВА КОИ ПОТЕКНУВААТ ОД НЕЗАКОНСКИ ДЕЈСТВА. НЕМА РЕГУЛАТИВА КОЛКУ МОЖЕ ДА ЧИНИ ЕДЕН ПРОСТОР КОЈ СЕ ИЗНАЈМУВА ВО СОСТОЈБИ КОГА СТАНУВА ЗБОР ИНВЕСТИРАЊЕ НА ДРЖАВНИ ПАРИ“, СМЕТА ТАСЕВА.

Но, изнајмувањето на објектот во центарот на градот од страна на Лотарија е само дрско буткање на прст во очи и покажување неказнивост. Поголемата зделка е направена за зграда во Визбегово, во која до скоро се фрлаа бидермаери и се правеа свадби.

Овој објект како можно ново седиште на Лотарија е изнајмена за 2, 6 милиони евра за една деценија.Додека ги чекавме официјалните одговори од Лотарија го побаравме директорот Бајрами на неговите контакти достапни на веб страницата. Имаше два телефонски броја, но беше недостапен.

Истовремено, опозицијата во албанскиот блок изнесе нова информација дека Перпарим Бајрами сакал да даде оставка по откриените информации и отворената истрага во Финансиска полиција. Ама не смеел, обвинуваат политичките противници под прозорецот на директорот.

Роднинско-политичка конекција преку фирмата Хеј и објектот во Визбегово

Десетина километри од централата на Лотарија е веќе изнајмениот објект во Визбегово. Изнајмен е преку фирмата Хеј, објави Радио Слободна Европа. А во портфолиото на фирмата Хеј, стои податок дека е формирана на 2-ри февруари оваа година и веќе има сериозна зделка со државни пари пред да наполни една година. Но зад неискусната компанија, сега веќе стои и познато име, кое неколкупати е спомнувано во КОД. Од 17-ти октомври, компанијата ја презема и сопственик станува Асмир Јахоски, сопственик на Пуцко Петрол и син на пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски.

Уште една роднинско-политичка конекција се појавува преку фирмата Хеј. Таа е регистрирана на адреса на Булевар Партизански одреди, во истата зграда, во истиот број каде седиште има фирмата К.С.А., на Куштрим Смајлај зетот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. И кога ќе се склопи мозаикот од сите овие информации се појавува шема полна со ликови од највисокиот ешалон на партијата ДУИ. Шема во чиј центар е Државната Лотарија.

А  внатре ги има и Талат Џафери, бидејќи веќе е објавено во повеќе медиуми дека сестрата на директорот на Лотарија е главна во кабинетот на претседателот на Собранието (Вјолца Бајрами).

Три години, како асистент на пратеничката група, Перпарим Бајрами, сегашен директор на Лотарија, работел во Собранието (до 2020-та). Вицепремиерот Артан Груби негира дека Бајрами работел кај него во кабинетот, ама директорот, без да наведе конкретна позиција, си пријавил во биографијата дека бил политички советник во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците каде Груби е министер.

Со шемата преку зетот се допира и лидерот на Груби, Али Ахмети, бидејќи Смајлај, има фирма со седиште во зградата на Пуцко Петрол и е прв деловен комшија на Асмир Јахоски, синот на пратеникот Исмаил Јахоски. Токму таа фирма, „Хеј“ ќе заработи 2,6 милиони евра за кирија од Државна Лотарија.

Партиската шема сплетена околу Државна Лотарија ја дополнува Еуровиа фирма на донатор на ДУИ со огромните зделки со државата, а сега и преку дуќан во Центар, збратимена со Лотарија за добивка од 3 и пол илјади евра месечно кирија.

Од Државна Лотарија испратија одговори на дел од прашањата на КОД. Објаснуваат дека се земаат објекти под кирија поради играчите на среќа за да може да имаат подобри можности за кревање на награди. Се пофалија и со заработката во текот на оваа година.

-Државна лотарија е во период на експанзија, најдинамичен период и најинтензивен раст и развој од своето основање, благодарение на добрите стратегиски одлуки, квалитетното менаџирање и високата ефикасност во воведувањето новини. Заклучно со месец октомври 2023 година, Државна лотарија оствари вкупна добивка од 532.124.782 денари. Сите деловни чекори се согласно барањата и спецификите на дејноста, а врз основа на стратегиски пристап и во прилог на инвестиции во динамичен и успешен развој. Во врска со прашањата за закуп на деловен простор за уплатно-исплатни места, Ве известуваме дека во моментот изнајмуваме над 30-тина објекти на различни локации низ земјата, со цел доближување на можноста за учество во нашите игри на среќа до играчите ширум земјата и отворање повеќе благајни за исплата на добивки од игрите на среќа. Посебно, со оглед на незадоволството на играчите од неможноста често да доаѓаат во Скопје за исплата на добивки на Благајната на Државна лотарија во зградата на МРТВ на 18 кат, одговорија од Лотарија.

Не прецизираат ништо за предистрагата на финансиската полиција и не упатуваат да побараме информации доколку КОД има такви сознанија да го упатиме барањето до нив. За објектот во Визбегово не упатија да бараме информации според законот за информации од јавен карактер, иако дадоа други детали особено за нивнта фирма ќерка.

-Ве информираме дека Државна Видеолотарија како друштво основано од Државна лотарија, има склучен договор од вкупно 2,3 милиони евра за административен деловен простор,  со месечен износ на закупина во висина од 16.863 евра за 949 м2, како и 3170 евра за магацински простор, за временски период од 10 години. Дополнително, еден од објектите за уплатно-исплатни места и благајни за исплата на добивки од игрите на среќа на Држава лотарија, со атрактивна локација е и објектот во центарот на Скопје, на „Булевар Климент Охридски“. Во тек на последните години посебен акцент е ставен на унапредување и дисперзија на примарната мрежа на уплатно-исплатни места, па денес имаме под закуп уплатно-исплатни места на најфреквентни локации во: Сити мол, Рамстор мол, Капитол мол, Ист Гејт мол – сите во Скопје и Палма мол во Тетово, како и други објекти во централни области на сите региони низ нашата земја, стоеше во одговорот до КОД од Државна Лотарија.

Постои опасност од перење пари 

Шемата само се надополнува на овие шеми кои ги објавуваше КОД во јуни и во септември кои се однесуваат на семејствата и блиските луѓе на раководството на ДУИ и пратениците. Добивки без ризик, главно од државниот буџет. Но, бизнисот со игри на среќа кој отвара можности за илјадниците играчи- отвора можност и ризик и за друго, перење на пари и злоупотреба на кешот кој се користи во казината и на слот машините.

Таа опасност е предвидена и во законот за спречување на перење пари и поради тоа казината секогаш мора да ги пријават сите влогови или добивки над 500-тини евра. Тие обврски редовно се пријавуваат од сите објекти за игра на среќа. Имало вложувања и во стотици илјади евра, но и високи добивки ама биле редовно пријавувани во Управата за финансиско разузнавање. Казината имаат обврска и да пријават сите сомнителни добивки или вложувања, но според информациите на КОД досега немало ниту една пријава за такво нешто.

Ризикот постои, а тоа е дефиниција на  игрите на среќа без разлика дали се приредуваат во центарот на Скопје или во поранешна сала за свадби во Визбегово, особено сега кога Државната лотарија агресивно го троши профитот заработен од граѓаните-трагачи по среќа. секогаш е присутен ризикот. Ризикот се зголемува и за државата особено ако партијата од власта го контролира ризикот, а добивката патува во приватни џебови на луѓе поврзани со неа.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content