За време на минатата власт, преку 10 фирми со фиктивни измами ја оштетиле државата и добиле високи суми како поврат на ДДВ од буџетот. Штетата која ја направиле на државата е 4 милијарди денари или околу 65 милиони евра.
Управата за јавни приходи ја завршила истрагата за фирмите кои со фиктивни измами ја оштетиле државата и добиле високи суми како поврат на ДДВ од буџетот, а целата документација е предадена на истражните органи – Јавното обвинителство и Финансиската полиција, соопшти Елена Петрова, директорка на УЈП, одговарајќи на новинарски прашања на брифинг со новинарите.
Според Петрова се работи за 10 компании, а сумата за неплатен данок е 4 милијарди денари.
-Нашата работа е завршена, а сега се на потег истражните органи – рече Петрова.
Фирмите со фиктивни измами ја оштетиле државата и добиле високи суми како поврат на ДДВ од буџетот, за речиси истата вредност се најдоа како должници на една од листите на неплаќачи на данок што лани ја објави Управата за јавни приходи.
Директорката на УЈП рече и дека нема застој во повратот на ДДВ и досега на сметките на граѓаните се исплатени 170 милиони денари, а сите кои скенираат сметки ќе си ги добијат парите. Инаку, застојот, како што објаснија од УЈП е поради неажурирани податоци на некои граѓани кои во меѓувреме ги згаснале своите сметки, па проверката мора да биде точна и темелна.
Стануваше збор за милионски износи кои според закон им следуват на компаниите и кои им се неопходни за редовно работење. Директорката Петрова рече дека случаите секојдневно ги расчистуваат и дека сега има многу поригорозна контрола од порано, за повторно да не се случат шеми во кои со фиктивни фактури е баран поврат на ДДВ и е оштетен буџетот.
Според претходните податоци што ги презентираше Управата за јавни приходи, во 2024 година по основ на поврат на ДДВ се доспеани 35,6 милијарди денари (речиси 579 милиони евра), а реализирано е плаќање од 34,4 милијарди денари (околу 559 милиони евра).
-Повратот на ДДВ е жива материја и секој ден едни износи доспеваат, други се враќаат, но се прават максимални напори за парите да стигнат во стопанството. Постојано се собираат податоците, некаде има исправки и сето тоа бара време и контрола – рече Петрова.