Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска вели дека „Работната група се состанува веќе утре, а континуирано се дебатира, очекувам до крајот на месецов конкретни предлози за пензиите со фокус на ниските пензии“. Оваа изјава доаѓа на новинарско прашање по посетата на Црвен крст Пробиштип, а пред големиот протест на пензионерите кој е најавен за задутре, 20 септември.
„Работната група функционира во континуитет, се состануваат одржуваат средби на кои се разговара за првичните мерки кои како Влада треба да ги обезбедиме за пензионерите, со посебен фокус на пензионерите со пониски пензии. Во текот на утрешниот ден повторно е закажана средба на работната група. Сега сите институции, односно претставниците на институциите дебатираат за она што е реална состојба во државата, во работната група се споделуваат податоците за да можеме да пристапиме кон креирање социјални мерки за пензионерите со ниски пензии. Очекувам до крајот на месецот да имаме конкретни предлози, кои ќе бидат преставени и пред медумите и пред пензионерите“ – рече Тренчевска.
Одлуката за формирање на работната група беше донесена минатиот месец по состанокот на Тренчевска со Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, кој следуваше по протестот на пензионери во Скопје, на кои тие ги изнесоа своите барања, меѓу кои, линеарно зголемување од 3.500 денари на сите пензии, како и продолжување на усогласување на износот согласно новата методологија воспоставена минатата година, како и одредување на минималната пензија во износ 80 отсто од минималната плата.