Доставувањето на вакцините од Србија одложено за следните денови

56

Првично беше договорено примопредавањето на донацијата на вакцини од Србија да се изврши во текот на денешниот ден, од српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот Зоран Заев, на граничниот премин Табановце, но беше одложено, како што информираа доцна синоќа од кабинетот на Вучиќ, заради неопходна дополнителна техничка документација.

Заев вчера изјави дека за пет дена се очекуваат и 200 илјади вакцини од кинеската „Синофарм“. Нив ги очекуваме на 15 или 16 февруари, земјава го регулира плаќањето за, како што рече премиерот, да може да се испланира пакувањето, обезбедувањето на превозот од Кина до Скопје. Од понеделник, односно во втората половина на месецов, треба да ги добиеме и првите дози од „Фајзер“ од директно склучениот договор со овој производител.

Отворени ни се механизмите на набавка на Фајзер, АстраЗенека и Модерна преку КОВАКС-системот. Преку ЕУ секој ден очекуваме ново решение. Комесарот Вархеји најави 70 милиони евра, зборува дури и за авансно плаќање, само час поскоро да стигнат вакцините за Западен Балкан, рече Заев.

За пријавување за вакцина против КОВИД-19, заинтересираните граѓани од вчера може да се регистрираат на веб-страницата https://vakcinacija.mk, за која имаше проблеми во функционирањето и се правеа завршни технички прилагодувања за целосна функционалност. Министерот Филипче синоќа на Фејсбук соопшти дека за само неколку часа на веб-страницата се регистрирале повеќе од 8000 граѓани.

На наведената веб-страница граѓаните треба да пополнат апликација за искажување заинтересираност за вакцинација против КОВИД-19, со што директно ќе се регистрираат во националниот систем „Мој Термин“.

Сите апликации кои ќе пристигнат ќе бидат внесени во оваа база, со што ќе се ажурира податокот кој за секој пациент го гледа матичниот лекар. Нема потреба дополнително пациентите да го бараат или информираат својот матичен лекар дека се регистрирале за да примат вакцина. Согласно распоредот предвиден во планот за вакцинација, матичниот лекар ќе ги повика и ќе ги информира за точниот датум и час кога треба да се вакцинираат на пунктот кој ќе го изберат при регистрацијата,  информираше Министерството.

Може да се пријави секој граѓанин, а системот ќе генерира кои се приоритетни за вакцина. Вакцинацијата ќе почне со здравствените работници и со лица над 70 години.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content