Дорис Пак: Ви требаат промени, оваа влада не создаде ништо!

44

“Да, го делам истиот став и денес, што го изнесов пред четири години, кога бев гласна и јасна во делот дека државите на Западен Балкан треба да бидат дел од Европа и дека фактичката блокада на францускиот претседател Емануел Макрон се однесуваше за Македонија и Албанија“, – изјави за Викенд Магазинот “Вечер“ со Слободан Томиќ на регионалната Телевизија ВИСТЕЛ, угледната германска и долгогодишна европарламентарка и претседателка на Унијата на жените при Европските народни партии и експерт за ситуацијата на Балканот, Дорис Пак.

Притоа, таа додаде дека, проблемот со претседателот Макрон беше тоа што тој во тоа време не го познаваеше најдобро Балканот и стори грешка кога не дозволи да се започнат преговорите тогаш. Во тоа време Македонија и Албанија можеа да добијат шанса да започнат со преговорите. Тоа и овозможи на една земја да почне да прави проблеми, за Македонија да не ги започне преговорите!

Германската политичарка јасно и гласно со став: “Макрон требаше да научи и да разбере нешто повеќе. Ние сега треба да сметаме на нешто поконкретно од него, бидејќи во меѓувреме тој ги разбра работите, но мораме да одиме со напредок во различни полиња, од различнните земји!“

Од друга страна, амбасадорот Зоран Дабиќ, кој исто така беше дел од оваа отворена трибина за и околу “Сизифовиот пат на Македонија кон ЕУ“, додаде:

“Целосно се согласувам со европратеничката на Германија, Дорис Пак и сметам дека францускиот претседател Макрон во тоа време направи тешка стратешка грешка. Најверојатно не бил свесен дека секое одложување на Балканот, по правило креира и создава многу негативни ефекти во процесот на проширувањето на Европската Унија, што се одразува и на внатрешната состојба во државата.“

На трибината стана збор за дводецениското чекање на Македонија во чекалната на ЕУ. Дорис Пак со јасен став и разочараност од ЕУ: “Да, Македонија премногу чека, бидејќи во 2005-тата година заедно со Хрватска, требаше да добие можност да ги започне преговорите со ЕУ.

За жал, некои земји го блокираа тој процес. Тоа е посебен проблем и навистина е тажен тој епилог. Бев неколкупати во Македонија и се уверив дека, вие „жестоко“ сакате да станете членка на ЕУ, но проблемот беше повеќе од очигледен: една држава, членка на ЕУ, Грција, не сакаше да даде зелено светло и се противеше на тоа!

Во врска, со почитувањето на човековите права и големите жртви кои ги даде Македонија кон ЕУ, госпоѓата Дорис Пак, одсечно потврди: “Да, дадовте се’ и повеќе од тоа што се бараше од вас, но сега не гледам ништо од оваа Влада, во делот на спроведувањето на подобри политики во земјата. Борбата против корупцијата ја нема и треба да се запрашаме: каде е таа борба со корупцијата и криминалот? Да потсетам: и минатата влада беше симната токму поради корупцијата, затоа следната Влада треба силно да се посвети на таа борба против корупцијата!

Обраќајќи се на актуелната коалиција СДСМ и ДУИ, Дорис Пак дополни: “Електоратот на престојните избори треба да има на ум дека промените ќе дојдат само ако сите се вложат во борбата против корупцијата и криминалот, ако наредните политичари се справат со тоа зло!

Наредната влада и идните политичари мора да ја дефинираат во својата агенда борбата против најголемото зло корупцијата, ако претендираат кон зачленување во Европската Унија. Таа борба не треба да биде декларативна, туку во вистинска смисла на зборот. Само со такво однесување, вие можете да ги убедите другите земји членки дека, одите во таков правец!“

Германската политичарка и експерт за Балканот не сакаше да остане без прашање до Владата на СДСМ и ДУИ:

“А, што прави актуелната Влада? Таа не се бори против криминалот и корупцијата, луѓето страдаат. Секоја година читам извештаи кои ги соопштува Комисијата на ЕУ. И читаме се’ што оваа влада не направила, а што требаше да го стори. Сметам дека ништо не се сторило! Ако се следат правилата, ќе бевме во состојба да се бориме и натаму за Македонија да ги надмине овие пречки, односно да ги започне преговорите.

Поради сето ова, народот има можност сега да гласа на избори! Ако гласачите сакаат нешто да сменат, мора сега да ги сменат луѓето кои не сторија ништо против корупцијата и криминалот. На наредните избори тие кои ќе победат, би требало да го реализират ветеното: да се грижат за граѓаните, а не за сопствените џебови и за своите лични и партиски интереси. Доколу на престојните избори се изберат нови политичари и состојбата се подобри, сигурна сум дека тие ќе ги донесат и промените. Јас можам да ви ветам дека ќе ги набљудуваме изборите и процесите кај вас. Тоа го правиме со сите држави од Западен Балкан, особено во земјите кои го имаат овој најголем проблем. Меѓу нив е и вашата држава Македонија!

На отворената телевизиска трибина во неделникот магазин “Вечер“ со Слободан Томиќ на телевизија Вистел стана збор и за блокадите кон Македонија за започнување на преговорите со ЕУ од страна на Бугарија, како и за неодамнешната Резолуција на САД поднесена од републиканците и демократите за македонската евроинтеграција со препораки без никаква кочница од која и да е држава, вклучувајќи ја и Бугарија која го блокира пристапувањето на Македонија во ЕУ, користејќи билатерани прашања.

Германската политичарака беше со јасен одговор:

Да, целосно се согласувам со Резолуцијата на САД, затоа и ние како ЕПП – Европска народна партија, ги изнесовме нашите ставови неодамна во Букурешт.

Го слушнав лидерот на сестринската партија Христијан Мицкоски, се сретнав и со госпоѓата Гордана Силјановска, како претседателски кандидат на изборите во мај 2024. Потполно ја разбираме состојбата во Македонија и сакаме да Ви помогнеме! Крајно време е Бугарија да разбере: Не може да продоложи повеќе вака во ЕУ, по блокирањето на вашето барање за членство.

Можете да замислите, ако Франција и Германија си поставувале пречки едни на други, или други други држави членки меѓусебно, никогаш немаше да ја имаме ниту Европа ниту Европската Унија. Бугарија треба да разбере дека, заедно со Македонија, заедно со Грција и со сите нас, можеме да изградиме силна Унија. Невозможно е да ја изградиме ЕУ, ако некој постојано се занимава со историски теми. Потребно ни е да останеме во модерново време и да гледаме во правец кон иднината!

На крајот, неизбежно беше прашањето, околу можната поддршка на професорката Гордана Силјановска Давкова, како кандидатка за претстедател на Македонија од страна на сестринската партија ВМРО-ДПМНЕ.

Дали госпоѓата Пак, како почесен претседател на жените при европските народни партии се сретнала со Силјановска на Х-от Конгрес на ЕПП во Букурешт и дали е за очекување нејзината поддршка?

Дорис Пак, првата почесна дама на Унијата на жените при ЕПП со одговор:

“Да, се познавам со професорката Гордана Силјановска. Претходно, мислам на минатите претседателски избори, ја дадов мојата поддршка како претседател на Унијата на жените при ЕПП. Таа е многу стручна и многу скромна, но многу јасна и со голема самодоверба. Имав можности повеќепати да ја следам и во Советот на Европа, каде беше во комитетот и учествуваше со плодни дебати оклу правните прашања.

Таа е многу пријатна личност и сериозен кандидат за престедател на Македонија и за мене таа ќе биде многу важно политичко лице за државата Македонија и во Унијата, дури и вон Унијата од меѓународен аспект.

Ќе нагласам, да, јас ја поддржувам госпоѓата Силјановска за претседател на Македонија на престојните претседателски избори април-мај 2024 година, како што ја поддржав и на претходните избори кога настапуваше за истата функција.

Таа е многу цврста и скромна. Не сака да глуми некој голем шеф. Таа е силна жена со самодоверба, многу сум среќна што се бори за мандатот претседател на Македонија. Гордана има многу познавања, многу е интелигентна и има силно искуство. Таа е вистинската личност, со докажано искуство и на локално и на национално и на парламентарно ниво – како во македонскиот законодавен дом, исто и во Советот на Европа, каде има направено голема и добра работа.

Таа ја водеше комисијата на независни експерти за локалните политики. Таа е многу пријатна личност и сериозен кандидат за претседател на Македонија. Таа е цврста жена и би сакала, ќе бидам многу среќна, да ја поздравам како иден претседател на Македонија. Секако и вие, Македонскиот народ, може да бидете горди на неа!“

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content