Дали Владата ќе ги додаде овие производи на лебот, шеќерот, брашното, млекото, сончогледово масло, месото и сувомесни производи кои веќе се „под мраз“, ќе зависи од податоците на Заводот за статистика во делот на движењето на цените во трговијата на мало и трговијата на големо за месец ноември.
Министерот за економија Крешник Бектеши вчера најави дека ако податоците покажат дека има зголемување, а граѓаните го чувствуваат тоа, листата ќе се прошири. И за додадените производи, до крајот на јануари догодина, би важеле цените кои биле формирани од трговците на 1 декември.
Владата на 4 декември донесе одлука да се замрзнат цените на основните прехранбени производи. Цените на лебот, шеќерот, брашното – тип 400, сончогледово масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти, свежото месо и сувомесни производи, сирењето и урдата, нема да се менуваат до крајот на јануари. Замрзнувањето на цените важи во трговијата на мало и на големо.
Од Владата најавија дека одлуката за определување највисоки цени на основни прехранбени производи, може да биде продолжена и по 31 јануари 2022 ако тоа и натаму го бара состојбата на пазарот.