Со Одлуката се одобруваат средства во износ од 50.000.000,00 денари на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), како поддршка за справување со кризата предизвикана од коронавирусот КОВИД-19, а заради реализација на мерка три од петтиот пакет економски мерки, со која ќе се обезбедат средства за финансиска поддршка на радиодифузерите за надомест на средства платени по основ на такси, давачки и надоместоци за вршење радиодифузна дејност и кои се документирани во финансиската евиденција на АВМУ.
Притоа, се задолжува Генералниот секретаријат на Владата, средствата од оваа одлука да ги уплати на (наменска) сметка на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Согласно Одлуката, овие средства Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, треба да ги искористи исклучиво за намената за која што се доделени, односно заради надоместување на средствата кои не се реализирани по основ на наплата на такси, давачки и надоместоци за вршење радиодифузна дејност и кои се документирани во финансиската евиденција на АВМУ.
За искористувањето на средствата Агенцијата ќе треба да достави Извештај до Владата во рок од 15 дена од завршување на активностите.
Во Извештајот, ќе биде потребно поединечно да се набројат секој од радиодифузерите со висина на надоместокот кој го должел и е покриен со средствата од оваа Одлука, како и бројот на фактура со кој истиот бил задолжен.
Агенцијата е должна да достави примерок од Извештајот и до Управата за јавни приходи за потребите на системот на данокот на додадена вредност и реализација на целите на данокот на додадена вредност.
При утврдени неправилности и ненаменско користење на средствата потребно е Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги средствата да ги врати во Буџетот.
Оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето.