Во Собранието денеска напладне ќе биде врачена годинашната државна награда „Мето Јовановски“ – највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права.
За 2023 година оваа награда ќе им биде доделена на Платформата за одржлив развој „Лице в лице“ – непрофитно, независно улично списание, посветено на одржливиот развој, социјалната правда, принципите на еднаквост, демократија и хуманост, и на Борче Стојменов од Кавадарци, кој собира расипани лаптопи и компјутери, од нив креира нови и ги праќа на социјално загрозени семејства.
Државната награда „Мето Јовановски“ се доделува на Меѓународниот ден на човековите права 10 Декември. Именувана е по писателот Мето Јовановски (1928-2016), прв претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права, а потоа и негов почесен претседател.