Како што истакна Николовски, на последниот повик имало голема заинтересираност, одобрени се 110 апликации за вкупно 13,5 милиони евра поддршка, а вредноста на одобрените инвестиции изнесува 22 милиона евра.
Според него, средства од мерката седум се побарани за инвестиции во сместувачки капацитети, за ветеринарни услуги, за набавка на опрема за производство на прехранбени производи и пијалаци, а апликантите се од различни делови на државата што ќе поттикне рамномерен регионален разој, развивање на руралните подрачја и отворање нови работни места.
Мерката седум има широка примена и нуди поддршка за најразлични инвестиции во повеќе области: прехранбена индустрија, изградба на хотели, кампови, музеи, производство на мебел, облека, соларни системи за топла вода, поставување фотоволтаици, пекарски производи,…. Радува фактот што овој повик имаше голема заинтересираност. Очекуваме комплетна искористеност на средствата, рече Николовски.
Со ваквите инвестиции, дополни, се развива најмоќниот дел од економијата – малите и средните претпријатија.
Директорот Бачовски информираше дека преку сите мерки од ИПАРД 2 Програмата до денес се одобрени 2 257 проекти со вкупна вредност на инвестициите од над 69 милиони евра. Целосно реализирани се 1 948 проекти, а 1 781 апликант целосно ги завршиле инвестициите и на нивните сметки се вратени 21,8 милиони евра директно слеани во домашното стопанство.
Министерот Николовски уште еднаш повтори дека очекува минимум 30 милиони евра поголем буџет со ИПАРД 3 или најмалку 50 отсто повеќе во однос на ИПАРД 2.